Европска турнеја, концерти со „Јелоуџекетс“, Влатко Стефановски, Дарко Рундек и Рамбо Амадеус… најавуваат џезерите

Европска турнеја, концерти со светски имиња и регионални легенди, како и концерт посветен на деца, најавува Националниот џез оркестар за до крајот на годината. На прес-конференција вчера, Гоце Стевковски, директор на оркестарот, Кирил Кузманов и Гордан Спасовски, членови на составот, открија повеќе детали за претстојната програма во наредните два месеца. Следен концерт што публиката може да го очекува е веќе најавениот настап на пионерите на џез-фјужн жанрот „Јелоуџекетс“ (Yellowjackets). Ќе диригира Боб Минцер, долгогодишен член на составот и еден од најистакнатите современи џез музичари.

– Во текот на својата богата и повеќедецениска кариера, ‘Јелоуџекетс’ се етаблираат како еден од најзначајните и најпочитуваните состави во џез-фјужн жанрот. Со 25 издадени албуми, две престижни Греми награди и безброј распродадени концерти ширум светот, тие оставија зад себе музичко наследство што постојано се обновува и инспирира нови генерации музичари и љубители на џезот“, рече Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар.

Со 25 издадени албуми, две престижни Греми награди и безброј распродадени концерти ширум светот, Yellowjackets оставија зад себе музичко наследство што постојано се обновува и инспирира нови генерации музичари и љубители на џезот.

По овој концерт, од оркестарот ја најавија малата турнеја низ европски престолнини. „Македонски сновиденија“ или Macedonian Dreams е насловот на турнејата, што ќе опфати настапи во Будимпешта (12 ноември), Прага (14 ноември) и Виена (17 ноември). Турнејата ќе биде енергична фузија на фолклорни мотиви и современ џез. Македонската културна и музичка традиција ќе се претстави во современ џез контекст, создавајќи мост меѓу фолклорот и модерниот музички израз.

Покрај концертната изведба, во рамки на овој проект е планирано и снимање и издавање на материјалот, архивирање на новите аранжмани.

– Концертната програма опфаќа композиции кои ја обединуваат традицијата и современиот музички израз, прераскажувајќи ги длабоките културни корени на македонскиот фолклор низ јазикот на џезот. Проектот претставува ново поглавје во работата на Националниот џез оркестар – првпат од неговото формирање оркестарот подготвува нови обработки на македонски народни песни, како и оригинални композиции инспирирани од македонскиот фолклор, рече Стевковски за концертите од европската турнеја за кои диригент и аранжер е Владимир Николов.

На 8 декември ќе следува концерт „Рокенрол и џез“, т. е. концертот на кој во иста вечер ќе настапат легендарните музичари Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус и Дарко Рундек. На 14 декември ќе следува концертот со музика од популарната македонска серија за деца „Биби и Боби“.

Стевковски се заблагодари за поддршката од Министерството за култура, како и на Националната опера и балет, каде се одлично примени, но и дека се нормализираат недоразбирањата со колегите и од Филхармонијата и дел од декемвриските концерти ќе ги одржат таму.
-Иако е сè уште млада институцијата, засега се оди супер и се обидуваме на секој можен начин да фатиме чекор да си ја работиме нашата работа. Од година в година расте публиката. Во тек е последната фаза од реновирањето на просториите за НЏО во Националната опера и балет – останува да се најде изведувач за внатрешно уредување односно акустичко и ентериерно оспособување на просторот за да може таму да почнат да работат – рече тој.

Сподели