Претставата „Три милиони минути“ во продукција на Местно гледалишче љубљанско од Словенија, ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмски театар во Скопје. Претставата е според филмското сценарио „7 години“.
Психолошки трилер што се одвива во една просторија, на маса, на која е поставена шаховска табла. Адаптацијата за МГЛ е на Барбара Хинг-Самобор. Режисерката годините од насловот на пиесата ги претвори во минути, и пред сè, сите пет улоги ги подели на актерки. Тематиката на сексизмот, која во оригиналот е многу недвосмислена, во словенечката адаптација се провлекува во позадина, но само на прв поглед.
Актерската екипа е составена од актерки, што е посебен квалитет на адаптацијата, додека во оригиналот настапуваат четири мажи и една жена. Четири пријателки се долгогодишни партнерки и основачи на успешна компанија. Освен успехот и многуте спомени, имаат и заедничка „деловна тајна“. Веќе долго време водат двојно книговодство: парите ги уплаќаат на сметка во Швајцарија и со тоа затајуваат данок. Главната меѓу нив дознава дека ги следи финансиска полиција и дека агентите секој миг може да побараат увид во компјутерите и другите досиеја. Адвокатката им нуди решение: ако една од партнерките го препише затаениот профит на себе, вината ќе падне само врз неа. Таа што ќе се жртвува ќе оди на предвидените седум години затвор и ќе ги спаси преостанатите три, а со тоа и компанијата. Вознемирената четворка најмува медијаторка за да им помогне да постигнат спогодбен и разумен избор. Елементите на корпоративен трилер и крими-драма за време на медијацијата се претвораат во напната игра на нивните психологии.
Филмот „7 години“ (2016), во продукција на „Нетфликс“ е првиот филм што таа платформа го има снимено на шпански јазик. Авторот на сценариото, Хозе Кабеза, е професор по сценарио на Универзитетот „Реј Хуан Карлос“ во Мадрид. По успехот на филмот следуваа повеќе театарски адаптации.
Улогите ги толкуваат: Јудита Зидар, Тјаша Железник, Мојца Функл, Дијана Коленц, Клара Кук и Јана Зупанчич.





