Состојбата на Требенишката некропола не е баш најдобра, вели археологот Перо Арџанлиев

Обидот за измени на Законот за заштита на културното наследство со кој требаше да се олеснат градежните активности при изградбата на коридорите 8 и 10-д за сметка на културното наследство ги отвора прашањата за состојбите на Требенишката некропола каде во 1918 година бугарската војска наишла на првите богати гробови токму при изградба на пат

Состојбата на Требенишката некропола не е баш најдобра. Со изградбата на новиот автопат кој треба да ги поврзе Охрид и Кичево се вршат интензивни градежни активности на просторот на самата некропола. Колку што сум јас запознаен, заштитни археолошки ископувања не беа извршени, вели археологот м-р Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија.

Арџанлиев беше иницијатор на изложбата „100 години Требениште“ која во 2019 година беше отворена во Археолошкиот музеј во Скопје каде за првпат по сто години на едно место беа обединети предметите кои денес се чуваат во Софија, Белград и во Охрид. Изложбата ја организираше тим од Македонија, Бугарија и од Србија. На некрополата Требеништа кај охридското село Горенци пред еден век се пронајдени златни погребни маски, нараквици, сандали и други придружни наоди, а колекцијата се смета за една од најзначајните на Балканот.

Поглед на Требенишката некропола / Фото: П. Арџанлиев

Обидот за измени на Законот за заштита на културното наследство со кој требаше да се олеснат градежните активности при изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д за сметка на културното наследство ги отвора прашањата за состојбите на Требенишката некропола каде во 1918 година бугарската војска наишла на првите богати гробови токму при изградба на пат.

Изградбата на Коридорот 8 деновиве е актуелна тема со обидот за измени на постоечкиот Закон за заштита на културното наследство. Автопатот опфаќа една исклучителна делница Требеништа-Струга-Ќафасан. Колку патот ја допира некрополата каде пред повеќе од 100 години се пронајдени златните посмртни маски и придружните исклучителни предмети?

– Токму така, деновиве актуелна тема е изградбата на Коридорот 8. За среќа измените на Закон за заштита на културното наследство беа повлечени и првата битка е добиена. Трасата на Коридорот 8 не само што ја допира, туку таа поминува низ некрополата. Како што знаеме, првите гробови беа откриени во далечната 1918 година токму при пробивањето на патот кој сега, после 100 години го прошируваме во автопат. Тој опфаќа уште една исклучителна делница, Требеништа-Струга-Ќафасан која покрај тоа што претставува дел од еден заштитен регион од УНЕСКО, претставува и регион кој е доста богат и со археолошки локалитети.

Перо Арџанлиев

На овој потег досега се регистрирани неколку некрополи кои хронолошки се блиски до Требенишката (Радолиште, Делагожда, Корошишта), а можеме да замислиме и уште колку не се регистрирани или сè уште се кријат под пластовите земја и чекаат на нивно откривање. Затоа апелот е наместо промени во ЗЗКН да се премине во впрегнување на сите расположливи државни и институционални капацитети со што од една страна би го заштитиле културното наследство, а од друга страна би дозволиле изградба на ваков значаен капитален проект.

Ниту од 1945 година наваму, ниту од осамостојувањето пред 30 години Македонија не смогна сили да го истражи овој регион. Зошто?

– Да, за жал мораме да констатираме дека и по скоро 80-тина години независна суверена држава не смогнавме сили за истражување на Требенишката некропола. Иако во два наврата во педесетите години под раководство на архреологот Васил Лахтов и во седумдесетите под раководство на археологот Владо Маленко е истражувано во близина на Требенишката некорпола, во двата наврата биле откриени само од т.н. сиромашни горбови кои и хронолошки не припаѓаат на богатите архајски гробови (втора половина на 6 век пр.н.е. и почеток на 5 век пр.н.е.). Овие погребувања хронолошки припаѓаат на 7 век пр.н.е., но има и хронолошки помлади погребувања од 4 век пр.н.е. На прашањето зошто не сме смогнале сили да истражуваме навистина немам одговор.

Бронзен шлем со златна апликација од гроб 5 / Фото: С. Алексовска

Какви се состојбите денес на терен? Во чија надлежност е земјиштето во и околу претпоставените граници на некрополата?

– Состојбата на терен не е баш најдобра. Со изградбата на новиот автопат кој треба да ги поврзе Охрид и Кичево се вршат интензивни градежни активности на просторот на самата некропола. Колку што сум јас запознаен, заштитни археолошки ископувања не беа извршени. За една земја-кандидатка за членство во Европската Унија несериозно е да дозволи ова да се случи на еден од најзначајните локалитети на својата територија. Земјиштето на кое се протега некрополата е во приватна сопственост, но и покрај тоа доколку како држава и институции покажеме сериозен интерес и грижа за овој значаен локалитет тоа би можело лесно да се изменаџира.

Има ли волја меѓу населението да се дозволат археолошки истражувања, и како државата да финансира ископувања?

– Во разговори кои сум ги имал со населението сите се запознаени со значењето на некрополата и секогаш сме наидувале на позитивни реакции од нивна страна. Во тоа секако помогна и организирањето на изложбата „100 години Требениште“ со која сметам дека локалитетот го доближивме и до пошироката јавност и до самите жители на селото Горенци во чиј атар е и некрополата. Во една неодамнешна средба со градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески на чија територија се наоѓа Требенишката некропола, бев запознаен со нивната иницијатива со која сакаат во еден објект во нивна сопственост во селото Требеништа да приспособат простор во кој на едукативен начин преку фотографска граѓа и одредени копии на артефактите откриени на некрополата да оформат информативен културен центар посветен на Требенишката некропола. Нешто што во целост го поддржуваме и на што како експерти се ставивме на располагање. За тоа дали државата треба да финансира едни вакви истражувања одговорот е повеќе од очигледен. Но, не само државата, можеби треба да размислуваме и за поголем меѓународен проект во кој секако државата би го понела поголемиот товар околу логистиката, но би биле вклучени и разни експерти од повеќе држави кои секој со својата експертиза ќе помогне во реализирањето на еден интердисциплинарен проект каков што заслужува Требенишката некропола.

Детаљ со медуза од бронзениот кратер / Фото: С. Алексовска

Зошто е важно археиолошки да се истражи Требеништа?

– Важноста од нови истражувања не е само да ги збогатиме фундусите на нашите музеи со значајни археолошки артефакти какви што се очекува да се откријат на некрополата што би било одлично и на некој начин исправање на некоја историска „неправда“. Преку употребата на низата нови археолошки и интердисциплинарни истражувања кои модерната технологија сега ни ги дозволува, да се обидеме да дадеме и одговори на некои од отворените прашања поврзани со митот Требениште.

Насловна фотографија: Златна маска од гроб 9, Требениште / Фото: Н. Борич, Народен музеј Белград

Сподели