„Учителот, страдањето и учеништвото“ со дела од Владимир Георгиевски и Никола Пијанманов

„Учителот, страдањето и учеништвото“ е насловот на ликовната изложба на дела од Владимир Георгиевски и Никола Пијанманов која вечерва во 19 часот ќе биде отвирена во галеријата „Метаноја“ во Скопје.

– Избраните дела за изложбата се инспирирани од Христовите страдања. Тие се прикажани буквално на сликите, но уметничкиот израз носи и бројни метафори на страдањето како феномен – општото искуство на човештвото со кое Христос се поистоветува. Една од паралелите е совршениот пример на Исус кој ги воведува и ги води следбениците низ учеништво кое бара непоколеблива посветеност, самопожртвуваност и љубов – велат организаторите.

Георгиевски и Пијанманов во дијалог даваат уметничко сведоштво пред сè за Христовите страдања, но и за инспирацијата од него за односот учител-ученик.

Пијанманов е ученик на Георгиевски и тој зборува со голем пиетет за својот професор кој почина во 2017 година. Покрај тајните на ликовната уметност, на естетиката, тој од Владимир Георгиевски се заразил и засекогаш се вљубил во философијата, книжевноста, музиката, филмот, архитектурата. Љубов кон Бах, Реквиемите, Руската боготражителска философија, Достоевски и Унамуно, Куросава и Михалков, Средновековната црковна архитектура, Чинго и Иво Андриќ, Гибран и Бодлер…

– Владимир Георгиевски беше како оние учители од средновековието или од античкиот свет, кои ве учат за сé! Од сувиот лист поставен на маса како модел за мртва природа до небото и жарот на ѕвездите – вели Пијанманов.

Сподели