Пред две недели, на покана на неговиот поранешен наставник по англиски јазик, Ѓорѓи Чешмеџиевски беше поканет да учествува во ОУ „Киро Глигоров“, каде одржа работилница за помали дечиња
Ѓорѓи Чешмеџиевски (12) од Скопје е страстен љубител на местење рубиков коцки. На пет години ја видел првата коцка и оттогаш рубиковите коцки му се неразделни другарки. Станал најмалиот шампион на Македонија, а првиот рекорд го срушил на свои само седум години. Ѓорѓи е едно од талентираните деца од „Идолите на Халки“.
-Кога бевме во Грција, отидовме малку да се прошетаме и случајно на една тезга видовме една коцка, ама многу поголема од овие што ги имам, и кога ја видов, тоа беше љубов на прв поглед. Оттогаш сме неразделни – се смее Ѓорѓи.
Прво не знаел како се мести, на почетокот успевал за 2 минути, па како минувало времето – за сѐ пократко, до неколку секунди. Како се станува сѐ подобар?
Вели дека со учење на алгоритми може да се совладаат сите коцки. За него најголем предизвик се коцките што треба многу долго да ги мести.
На прашањето по колку време поминува со местење коцки, тој вели дека пред натпревари обично вежба и по два часа дневно, но доколку во моментот не му оди најдобро местењето, ја остава, прави пауза и после кога ќе и се врати назад, му оди подобро.
Ѓорѓи, кој е ученик во училиштето „Гоце Делчев“, многу сака да го споделува своето знаење со своите врсници. Тие неретко и го замолуваат да им покаже некоја финта, да намести некоја коцка.
-Еднаш наставници донесоа коцка во школо и ме замолија да им покажам на повеќе одделенија како се мести. И на децата од 6 одделение нагоре им покажав. И на сите им беше интересно – вели малиот генијалец со брзи прсти, кој додава дека и благодарение на него и татко му Ристо се заинтересирал и почнал да мести коцки.
Пред две недели, на покана на неговиот поранешен наставник по англиски јазик, Ѓорѓи Ристевки, Ѓорѓи беше поканет да учествува во ОУ „Киро Глигоров“, каде одржа работилница за помали дечиња.

Во септември, Денис Јанкуловски – Космонаутико, пак, го покани на настанот што го организира во Градскиот парк за дечиња со атипичен развој „Играме заедно“.
Ѓорѓи има навика да штеди, најмногу за да си купи некоја специјална коцка.
Негово најдобро време досега го постигнал на натпревар во Косово. Тогаш се натпреварувал на коцка 2X2 и добил време од 1 секунда и 14 милисекунди.
– Многу беше убав тој момент. И после тоа требаше да им покажам на делегатите или на тие што ја местеа коцката како ја наместив, за да може да биде класифицирано дека е вистински национален рекорд. И до ден-денеска никој не го победил – гордо ни пренесува Ѓорѓи.

Во слободното вреем тој ги следи и светските рекордери, како што е Тимон Колашински од Полска.
-Имам голема желба да го запознаам во живо и заедно да местиме коцки, вели Ѓорѓи.
Ѓорѓи годинава во Албанија освои трето место на 3×3 коцка. А најслатки му се победите кога за дел од секундата ќе успее да победи некого.

– Лани кога бевме во Белград, јас го победив детето што беше трето место за 0,01 дел од секундата. Јас многу уживам кога доаѓа крајот на редењето на коцката и кога сите се превозбудени. Чувството е многу убаво, многу! Секогаш е изненадување кога ќе се случи нешто убаво и многу е поубаво кога мислиш дека нешто ќе се случи лошо, ама феноменално ќе ти тргне денот и одлично ќе биде – низ насмевка ни споделува Ѓорѓи.
Што е најважно за едно дете да може да мести Рубикова коцка?
– Важно е да се има мотивација, да можеш да издржиш иако имаш лоши времиња, со текот на времето ќе научиш алгоритми, да вежбаш многу и тогаш ќе имаш побрзи времиња.





