Во „Јавна соба“ во Скопје вечерва ќе биде втората изведба на претставата „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски. Изведбата почнува од 20 часот, но приемот на публика почнува половина час порано.
„Скопјани“ е колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Претставата трае 80 минути, а продукцијата е на „Театар за сите“. Играат: Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов и Ангела Стојановска. Драматургија и драматизација на расказите се на Ивана Нелковска и Милош Б. Андоновски, а драматургија на личните приказни направи Ева Камчевска. Костимографијата е на Ирина Тошева, а сценографијата на Мартин Манев.
– Претставата „Скопјани“ е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Оваа претстава не зборува за „Старо Скопје“, за ослободувањето на Скопје, за земјотресот и Кензо Танге, туку за градот денес. Го согледува односот на локалците и дојденците, нивните перцепции за градот, нивните недоразбирања и соживот – вели Андоновски.





