„Сонот на Ташковски“ – едукативна тура наменета за деца

„Сонот на Ташковски“ се насловени декемвриските едукативни кураторските разгледувања во рамките на иницијативата „Најново нормално“ што ја спроведува историчарката на уметност Бојана Јанева. Овојпат е наменета за деца од 6 до 10 години и од 11 до 16 години, а ќе се одржуваат секоја сабота во два термина – од 11 до 12.30 часот за помалите и од 13 до 14.30 за поголемите деца. Изложбата „Ретроспектива на Ташковски“ е поставена во Даут-пашин амам (Национална галерија на Македонија), а децата може да бидат во придружба на родител/и или старател/и.

– Светот на Ташковски е преполн со ликовни детали, слики во слики, кои будат најразлични приказни во детските (и не само детски) глави. Уметниковиот надреален, (да, ќе го научат и тој збор) сонишен печат ќе им го разбранува мозокот, ќе ги натера да мислат на природата, бродовите, синото небо, вселенските бродови и човекот. Боите, формите, текстурата, линијата, композицијата ќе се забележат и поврзат во една нивна приказна, различна кај секое дете – вели Јанева.

На турата Јанева ќе биде придружена и преведувана од Агнеса Чаволи од НГМ, за децата на мајчиниот јазик да ги восприемат делата на Ташковски. „Најново нормално декември“ е проект на Институтот за култура и уметност „Арс акта“ од Скопје во соработка со НГМ.

Повеќе за турата ТУКА.

Сподели