Промоција на „Волшебното патување на Простор и Време“ на Мирко Трајановски и Кристијан Јованоски

Сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ на авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски ќе биде промовирана денеска на пладне во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Книгата е во издание на „Софија“ од Богданци, а претставува најава и за новата едиција „Џагор“ – едиција на уметнички сликовници кои еднаква важност даваат и на приказната и на визуелниот идентитет.

Сите илустрации во сликовницата се изработени рачно, во техника акварел и се дело на младиот уметник Кристијан Јованоски.

Првата сликовница од „Џагор“ е интересна авантура за братот и сестрата со најчудните имиња на светот. Тие ги канат децата да влезат во возбудливиот свет на книгите.

-„Волшебното патување на Простор и Време“ е приказна за тажното детство без книга в рака. Тоа е дело што зборува за една тема особено важна за децата денес, а истовремено им се обраќа на начин каков што е најпримамлив за детската публика – преку многу фантазија. Авторот Трајановски, со детска жар во мислите им пристапил на своите ликови, ве носи со мислите кај што сакаат и возрасните да патуваат и да се замислат. Уште на самиот почеток, авторот си поигрува со вообичаените и препознатливи временски референци – „еднаш многу одамна, а можеби и не толку одамна…“ – вели Сребра Ѓорѓијевска, промотор на сликовницата.

 

 

Сподели