Алика Инкери Мозер од Естонија го собори светскиот рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Таа вчера прескокна 4,52 метри, и за 1 сантиметар го надмина претходниот светски рекорд. Сребрениот медал ù припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри. Постигнувањата се во рамките на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025.што се одржува во Скопје и во Куманово.
Младите спортисти денеска продолжуваат со настапи во вкупно 12 спортови на повеќе локации во Скопје и Куманово. Сите влезови се бесплатни и организаторите ги повикуваат граѓаните што помасовно да ги бодрат натпреварувачите. Денеска ќе продолжат атлетските возбудувања во неколку дисциплини, а љубителите на пливањето ќе можат да следат нова серија утрински квалификации, како и полуфинални трки во повеќе дисциплини, меѓу кои и 100 м слободно, 200 м пеперутка и штафети. Од екипите спортови за издвојување се кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3×3, каде се играат клучни мечеви во групната фаза, а на програмата се и натпревари во џудо, пинг-понг, гимнастика, бадминтон, велосипедизам и стрелаштво.
Детален распоред по спорт и временска рамка можете да најдете на следниот линк.

Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европскиот рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.
Одлични индивидуални настапи имаа македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини. Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 м градно со време 2.35:41 мин, соборувајќи го досегашниот резултат 2.37.90.
Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 мин), Никола Велковски на 400 м градно (4:21:50 мин) и Михаил Алексовски на 200 м градно (2:38,01 мин), како и Милан Јанковски на 100 м грбно на возраст до 14 години. Единствена нашата натпреварувачка која избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска на 200 метри пеперутка.

Повеќе од 700 волонтери се вклучени во реализацијата на ЕМОФ внесувајќи младешка енергија, ентузијазам и позитивен дух на секој чекор. Тие се тука да пречекаат, насочат, помогнат и охрабрат – и за учесниците, и за публиката, и за сите гости на фестивалот. Волонтерите доаѓаат од различни делови на земјата и Европа. Нивната улога не е само логистичка – тие се амбасадори на пријателството, на соработката, на вредностите на олимпискиот дух и, пред сè, на иднината што ја гради оваа млада генерација.





