Министерството за образование и наука направи сè за да ги донесе измените на Законот за средно образование кои, меѓу другото, овозможија законски услови државата да може финансиски да го поддржи учеството на талентираните средношколци на меѓународните олимпијади. Законот е донесен, условите се исполнети и … МОН половично ги поддржа талентираните ученици. Целосно ги финансира котизациите за учество на Македонија на олимпијадите, но обезбеди билети само за по два ученика и за еден ментор од натпревар. А екипите се најчесто составени од четири ученика и двајца ментори.
Научните здруженија што ги подготвуваат учениците за светските олимпијади, а тоа се претежно универзитетски професори, минатата недела ги добија решенијата со првата (историска) државна поддршка за која се борат повеќе од десет години. Иронично, токму во неделата кога ги добија решенијата од МОН, младите хемичари во Дубаи освоија сребро, бронза и пофалница, а математичарите буквално растурија во Австралија – освоија злато, сребро и три пофалници.
Во изминатата деценија се менуваа влади и коалициски партнери, се менуваа министри, но ниту една политичка структура не покажа интерес да го реши проблемот на талентираните ученици и научните здруженија кои секоја година молеа за спонзорства за да заминат на меѓународен натпревар. Често семејствата сами ги плаќаа скапите авиобилети, некои подигаа кредити за му го овозможат натпреварот на своето дете. А тие, го вееја државното знаме и се враќаа со медали освоени за Македонија. МОН секогаш велеше – Законот за средно образование не овозможува поддршка на талентираните ученици.
Конечно, на 8 април годинава, Собранието ги изгласа измените на Законот за средно образование, а МОН изготви правилник за да можат здруженијата да аплицираат за финансиска поддршка. Според пропозициите, секое здружение може да аплицира само за една од акредитираните 15 меѓународни олимпијади. Според Член 8, став 6 од Законот, „Министерството, на барање на акредитираните здруженија на наставници за учество на олимпијади, може во текот на една година да ги покрие трошоците за котизација и пат на најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори за учество на по една олимпијада, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната олимпијада.“
Неспорно е дека министерката за образование и наука Весна Јаневска од сите досегашни раководители на овој ресор најмногу се заложи и за донесувањето на Законот и за решавањето на проблемите со кои се соочуваа научните здруженија во организирањето на овие натпревари. Факт е дека буџетот на МОН е ограничен, а годинава Сојузот на математичарите на Македонија и Друштвото на физичарите на Република Македонија беа домаќини на балканските натпревари за коишто исто така требаше поддршка. Но, на ниво на држава фер е да се спомне и дека бројната делегација на Македонија за учество на светскиот саем ЕКСПО 2025, во Осака, Јапонија го чинела државниот буџет речиси 90 илјади евра. Какви се резултатите од учеството на оваа манифестација, а какви се резултатите на нашите талентирани ученици?
Треба да се знае дека тешки години поминаа универзитетските професори со меѓународните олимпијади. Тие секоја година ентузијастички издвојуваат стотици часови за подготовка на нашите најдобри ученици. Ова не се студенти со кои тие вообичаено работат, туку основци и средношколци – идните бисери на македонската наука. Тие свесно одвојуваат време за најдобрите во кои забележале потенцијал. Земајќи ги под своја закрила, токму поради нив, дел од талентираните средношколци решаваат да продолжат да студираат во Македонија, иако странските универзитети ги чекаат со раширени раце.
Во децениската голгота треба да се спомнат и семејствата на учениците, сите граѓани и фирми, некои јавно, некои од сенка, што донираа или на кој било начин ги поддржуваа здруженијата и младите таленти. Благодарение на нив тие успеваа да стигнат на натпреварите и да се вратат со одличја. Научните здруженија продолжуваат и понатаму да бараат спонзорства и донации, некои повеќе, некои помалку успешни во оваа мисија, а овие пари ги насочуваат кон другите меѓународни натпревари на кои учествуваат секоја година. И таму освојуваат медали.
Разбирлива е жестоката реакција на здруженијата. Законот конечно им овозможи државна помош, но МОН не им ја даде целосно, иако најавија дека ова е прва поддршка и таа континуиранио ќе расте. И тоа не треба да се сфати дека професорите со ништо не се задоволни и секогаш бараат преку леб погача. Зашто никој не навести дека поддршката може да биде половична.
Зошто МОН треба да ги поништи актуелните решенија? Зашто така прават сите земји во светот, зашто станува збор за сума која е незначителна за ресорот и зашто нема начин да изберете кој талент нема да го поддржите. Замислете шестмина што талкаат жедни низ пустина, кои по многу денови наоѓаат извор со вода. А во него има само три голтки. Кој да се напие?





