Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржат флејтистот Лукаш Длугош и пијанистот Анжеј Јунгиевич од Полска. На програмата се дела од Волфганг Амадеус Моцарт, Роберт Шуман, Сесил Шаминад, Франсис Пуланк и други.
Лукаш Длугош е најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја. Списанието „Пицикато“ во оценката за неговиот албум „Приказни на флејтата“, издаден за Верго/Дојче Грамофон, го квалификува Длугош како „еден од најдобрите флејтисти во светот“. Длугош студира соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги продолжува на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД. Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор. Професор е на академијата „С. Моњушко“ во Гдањск.
Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице. Добитник е на стипендии од полското Министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година. Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.





