Со околу 200 илјади евра ќе бидат реновинарни просториите во Националната опера и балет каде ќе се удоми новоформираната национална установа – Оркестар за џез-музика, соопшти на денешната прес-конференција министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Од оваа сума 10 милиони денари се обезбедени преку програмата ТАВ, а преостанатите 1 милион 714 илјади денари ги обезбедува Министерството за култура.
Таа соопшти дека ресорното министерството обезбедило изработка на основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на НОБ. Просторот им површина од 475 квадратни метри во кои ќе има простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации.

− Со работата на Здружението на џез музичари и слободни уметници во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, паркот „Ибни Пајко“ − рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека со Оркестарот за џез-музика се комплетира и збогатува ова музичко и уметничко опкружување, а со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови.
– Убедена сум дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје. Беа потребни само неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на новата установа – Оркестарот кој во изминативе години стана една од омилените институции која пополнува огромна празнина во современата музичка култура на земјава. Верувам дека Оркестарот за џез-музика ќе се развива во уште посериозен двигател на културата во земјава и ќе бида афирматор на македонската музика и изведувачка уметност низ светот – рече Костадиновска-Стојчевска.





