„Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам“ е насловот на целодневната обука која ќе се одржи во сабота (16 септември) од 9 часот во просториите на Europe House Скопје. Обуката ја организира Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ во рамките на одбележувањето на „Деновите на европското наследството“.
– Еднодневната едукативна обука на учесниците ќе им открие како може да го подобрат своето знаење и вештините на креативна визуелизација и комуникација од областа на толкувањето на наследството и да создадат културно-туристички производи кои преку искуството на самите гости ќе придонесат за одржлив развој на локалните заедници. Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се оплемени природното и културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот – велат организаторите.
Обуката ќе ја води м-р Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“, сертифициран интерпретатор на наследство и национален координатор на Interpret Europe. Пријавувањето за обуката е на линкот.