Зоран го познавам многу подолго отколку што тој ме познава мене. Ја слушав неговата музика дури и кога живеев во Скопје. „Канал 103“ тогаш беше главен извор на информации за сите нас кои се интересиравме за алтернативна култура, вели Максимовиќ
„Праслован“ не е само филм за Зоран Предин. Тоа е приказна за едно време, за една сјајна генерација уметници која се трудеше да го направи општеството подобро, критикувајќи го системот и сите неправилности од тоа време. Тоа е филм за еден врвен уметник и сè уште активен бунтовник, вели Слободан Максимовиќ, режисер на документарниот филм кој утревечер ќе биде прикажан во рамките на Филмскиот фестивал „Киненова“ во Скопје. Проекцијата е закажана за 20 часот во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската населба Кисела Вода, а покрај Максимовиќ ќе присуствуваат и Предин и дел од екипата. Максимовиќ во интервјуто за Умно.мк зборува за филмот и за задоволството да се работи со еден од најголемите музичари во поранешна Југославија и денес на овие простори.
Во Скопје доаѓате со филмот „Праслован“ кој ќе има своја проекција во рамките на филмскиот фестивал „Киненова“. Филмот лани имаше светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал. Како го доживеавте овој момент, особено што се случуваше во Вашиот роден град?
– Беше многу возбудливо и лудо. Летното кино пред сараевската Вијеќница (Градското собрание н.з.), за околу 650 луѓе, беше распродадено денови пред проекцијата. Во Сараево немаше врнето дожд повеќе од еден месец и погодувате што се случи? На околу 50-тата минута од филмот почна да врне, организаторите ја прекинуваат проекцијата и ги замолуваат гледачите да се преселат во киното во Босанскиот културен центар. Колона луѓе ги зафаќаат улиците во градот и по дожд чекорат скоро еден километар.

И не само што сите дојдоа на продолжението на проекцијата, туку во меѓувреме „собравме“ и љубопитни минувачи. Уште во текот на проекцијата се слушаа овации од публиката, а по завршувањето ја добивме најголемата награда. Аплауз кој траеше неколку минути, кој го прекинавме затоа што ни беше непријатно. Добар почеток на добар фестивал и како што рековте, во мојот роден град.
„Праслован“ е посветен на Зоран Предин, еден од најзначајните пејачи и кантавтори од поранешна Југославија. Како почна идејата за оваа приказна?
– Зоран го познавам многу подолго отколку што тој ме познава мене 🙂 Ја слушав неговата музика дури и кога живеев во Скопје. „Канал 103“ тогаш беше главен извор на информации за сите нас кои се интересиравме за алтернативна култура. Многу години подоцна со Зоран работев музичко видео за химната на Европското првенство во кошарка и останавме во контакт. Идејата за документарецот ја иницираш тој, а јас ја прифатив со задоволство. Зоран бараше некој што ја познава неговата кариера надвор од границите на Словенија и јас бев тој избор. Филмот го снимавме 5 години, а потоа го монтиравме околу 7 месеци. Во него се настапуваат одлични соговорници од светот на музиката, книжевноста, спортот и науката – Борис Дежуловиќ, Бранко Ѓуриќ, Габи Новак, Ѓорѓе Балашевиќ, Миљенко Јерговиќ, Јуре Франко, Мањифико, Петар Пеца Поповиќ и многу други.

Слободан Максимовиќ и Зоран Предин (десно)
Зошто токму насловот „Праслован“? А не „Третји човјек“, „Ментол бонбон“, „Инвентура“ или „Икебана“ на пример?
– Задоволство е да се разговара со луѓе како вас, бидејќи очигледно го познавате опусот и темата за која зборуваме. Работниот наслов беше „Слон крај порцелана“, што е наслов на еден од албумите на „Лачни Франц“. Веќе на самиот почеток од создавањето на сценариото предложив филмот да се вика „Праслован“. Во тоа има многу симболика. „Праслован“ е една од првите песни кои ги напиша Зоран Предин и еден од неговите најголеми хитови. За што зборува ќе дознаете кога ќе го погледнете филмот. И уште нешто – во своите филмови секогаш се трудам да дадам наслов кој не мора да се преведува во поранешните југословенски републики.
Автор сте на сценариото и на режијата на филмот. Колкава авторска слобода имавте, со оглед на тоа што станува збор за документаристичко дело и тоа за човек кој беше икона во поранешна Југославија, и сè уште е денес во овие простори?
– Ако правите филм за човек кој целиот живот се бори за слобода на мислата, за слобода која нема да ги загрозува другите, тогаш единствено логично нешто е дека и вие ќе имате целосна слобода. Тоа и го имав – целосна творечка слобода и прекрасна соработка со Зоран.
Ова е Ваш втор документарен филм, по трите долгометражни играни, еден краткометражен и минисеријата „Случаите на инспектор Вренка“. Која од овие форми најмногу Ви лежи, во што најмногу уживате кога работите?
– Секоја форма ми одговара, важно ми е само да ја почувствувам искрата која ќе ја запали мојата страст за создавање филмови. Штом почувствувам дека ја напуштам комфорната зона, знам дека сум на вистинскиот пат.

Слободан Максимовиќ
Средно училиште завршивте во Скопје и неколку години студиравте тука. Роден сте во Сараево, живеете во Љубљана. „Праслован“ опфаќа периоди кога сите овие места беа во една држава. Колку филмот го доживувате и како своја лична приказна?
– „Праслован“ не е само филм за Зоран Предин, тоа е приказна за едно време, за една сјајна генерација уметници која се трудеше да го направи општеството подобро, критикувајќи го системот и сите неправилности од тоа време. Тоа е филм за југословенскиот рокенрол кој беше трет во светот по креативност, веднаш зад Америка и Британија. И на крај, тоа е филм за еден врвен уметник и сè уште активен бунтовник, само што денес тоа го прави на поинаков начин – повеќе џентлменски, но подеднакво директно.
Фото: Борут Живуловиќ, Филип Краинчаниќ





