Со еден златен медал, две бронзи и олимписка пофалба за Македонија, националниот тим постави нов државен рекорд на 32. Балканската олимпијада по информатика што се одржа во Удине, Италија. Златен медал за Македонија освои Дамјан Давков од Штип, бронзени – Владимир Грчев од Кочани и Леонид Цуклев од Гевгелија, а Виктор Максимоски од Гостивар освои олимписка пофалница. Давков Тимот го предводеа лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
– Заедно со овие три, македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на оваа година досега освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат достоен за респект, недостигнат и од многу поголеми држави од Македонија – велат од Здружението на информатичарите на Македонија кои ги организираат домашните и учествата на меѓународните натпревари.
Претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов е среќен што целогодишниот труд на натпреварувачите вродува со плод.
– Дамјан и Леонид се ученици од Математичко-информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир како ученик кој само што заврши основно образование успеа да се пласира во овој повисок натпреварувачки ранг. Дамјан со неговиот медал и резултат застана пред 64 други учесници од олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрен медал. Целогодишниот труд и на членовите од Здружението, професорите и студентите од ФИНКИ, во организацијата на натпреварите и на подготовките на најдобрите ученици е исто така валоризиран со овие резултати. Им благодарам на здружението „Бистри умови“ и Општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата „Сорсикс“ која и сега го поддржа нашето патување во Италија – вели Јованов.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвниот натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров. Секоја земја – членка на БОИ заедницата учествува со тим составен од четири натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Главен организатор на годинaшната БОИ е Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка на Италијанската асоцијација за информатика и автоматско пресметување. Годинава на натпреварот учествуваа 48 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Во неофицијална конкуренција учествуваа и 18 ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан.
Македонскиот тим на БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, организиран со поддршка на ФИНКИ и неколку општествено одговорни компании.
Следната, 33. БОИ ќе се одржи идната година во Црна Гора. Пред македонските ученици е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025) која ќе се одржи од 24 до 30 октомври во Ларнака, Кипар.





