„Скрин дејли“: „Најсреќниот човек на светот“ е драматично моќен филм што ве зграпчува од самиот почеток

Единството на времето и местото му дава на овој филм и едно театарско чувство, но само во најдобра смисла: зграпчени сме во апсолутното сегашно време на акција и на изведба. Двата главни лика буквално ве хипнотизираат – пишува Screen International

Пишува: Сребра Ѓорѓијевска, наш специјален известувач од Венеција

Освен што филмот „Најсреќниот човек на светот“ го открива за наследството од војната во 90-тите во поранешна Југославија, тој е драматично моќен, стручно направен филм кое ве зграпчува од самиот почеток, со водечките актери Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ кои убедливо се истакнуваат со жив, силно обединет ансамбл, напиша престижниот „Скрин дејли“ по премиерата на филмот на Теона Стругар Митевска, вчера на Венецискиот филмски фестивал. Критичарот Џонатан Ромни додава:

Единството на времето и местото му дава на овој филм и едно театарско чувство, но само во најдобра смисла: зграпчени сме во апсолутното сегашно време на акција и на изведба. Двајцата главни ликови буквално ве хипнотизираат. Прочитајте повеќе за филмот на следниот линк.

Фестивалските проекции на филмот кој обединува шест земји, поминаа одлично, со заинтерсирана публика која остануваше и долго по проекциите. Ова е празник за македонската кинематогафија, рече директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, пред проекцијата на филмот во салата „Драсена“.

– Се надевам дека ќе имаме многу убави фестивалски денови во Венеција. Нашата кинематографија е рамо до рамо со европската и не само со европската, но и со светската. Се надевам не само на учество и на многу награди што ќе ја израдуваат македонската јавност. Не само овој филм, во последните години имавме филмови што не претставија на важни фестивали и филмовите ќе продолжат да бидат дел од светската и европската кинематографија – рече Лазаревски.

Екипата на филмот заедно со уметничкиот директор на фестивал, Алберто Барбера (долу)

По проекцијата на филмот, авторите одговараа на прашања од публиката. Теона објасни како се случило таа да добие понуда да го работи филмот заедно со босанската сценаристка Елма Татарагиќ.

– Војната и крајот на Југославија сменија многу работи што ни беа ветени на некој начин. Братство, единство. Ова е приказна на Елма. Јас сум среќна што таа беше љубезна да ја сподели со мене. Кога почнавме, ја прашав, јас сум Македонка, како јас ќе ја направам оваа приказна, имам ли право? Но, таа ми рече дека од сите режисери што можела да ги избере, ме избрала мене. Овој филм зборува за тоа како е да се живее со војна и 30 по нејзиното завршување. Мора да ги подготвиме младите нови генерации да не ја повторат истата грешка. Во 30 години, немавме момент на дискусија, дијалог – рече Стругар-Митевска.

Таа заедно со Татарагиќ соработуваат веќе на неколку филмови, главно во делот за монтажа. Пред публиката во салата таа сподели дека со оглед на тоа дека филмот е базин според нејзина вистинска приказна, размислувала колку ќе биде емотивна и дали воопшто ќе може да зборува јавно.

– Откако го изгледав филмот, почувствував дека ова воопшто не е моја приказна, но стана сечија приказна. Ова е мое искуство, нешто што ми се случило на кое му требаше 24 години за да му најдам вистинска структура за да ја раскажам приказната. Многу сум среќна што можам да работам со Теона и Лабина. Пред години им раскажав дека по војната го запознав човекот кој најверојатно ме застрелал кога бев девојка и по некое време заедно дојдовме до оваа апструктна структура на филмот – рече Татарагиќ.

Актерите Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ остварија улоги за паметење, карактери меѓу кои имаше многу убава симбиоза.

– Имав огромна доверба од Теона во создавањето на ликот, кој го спознавав до крајот на снимањето. Кога станува збор за воени траума, првиот чекор во лечењето е да се создаде дијалог – рече таа.

Сподели