Невремето го оштети и киното „Милениум“, нема да работи дури не се санира комплетно

Киното „Милениум“ е оштетено од лошото невреме што го снајде Скопје на 31 август и затоа нема да работи додека не се реновира и не биде безбедно за публиката. Од „Милениум“ известуваат дека имало проток на вода од двете страни на платното, низ неонските светла на двата странични излези лево и десно од сцената, кровот на салата е дополнително уништен, паднати се делови од таблите на таванот, водени се сите делови од кровот кон системот за озвучување во салата.

-Во предниот дел на салата, меѓу бината и првите редови седишта имаше огромно количество вода кое се слеваше од сите страни на кровот надолу. Делови од фоајето се зафатени со влага, влезот на киното беше комплетно поплавен. Дополнително ќе се врши и проценка на електричната инсталација. Во текот на следниве денови ќе се прави дополнителна проценка на материјалната штета предизвикана во фоајето, салата, тоалетите и дел од службените простории на киното – објаснуваат од „Милениум“.

Додека не се изврши комплетна санација и реновирање на киното и додека не се процени дека е безбедно граѓаните повторно да влезат во сала, киното нема да работи на неодредено време.

Сподели