Скопски поетски фестивал – спој на идеите на неколкумина со блага донкихотовска налудничавост

СПФ е креација на пет-шест луѓе, на кои им се придодаваат уште двојно толкумина, па на тие уште толку, луѓе што препознаваат дека идејата е потентна, дека има во неа визија, вели поетот Ѓоко Здравески, еден од основачите на фестивалот

Пишува: Александра Јуруковска

Скопскиот поетски фестивал е спој на идеите на неколкумина ентузијасти, луѓе со блага донкихотовска налудничавост, кои мислат дека можат да направат нешто од чист ќеф, за убаво, од пркос кон едноличното, здодевното, замочуриштеното, вели поетот Ѓоко Здравески. Тој е еден од основачите на Скопскиот поетски фестивал чие прво издание ќе биде отворено вечерва во 19 часот, во Младинскиот културен центар со поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот, под насловот „Стихофренија“. Ќе настапат дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“, ќе биде отворена изложба на дела од 16 ликовни уметници и графички дизајнери. Тие ќе се претстават со свои дела директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

– СПФ е креација на пет-шест луѓе, на кои им се придодаваат уште двојно толкумина, па на тие уште толку, луѓе што препознаваат дека идејата е потентна, дека има во неа визија, па се тука за да ни помогнат, да бидат дел од неа. Многу луѓе ни помогнаа оваа година, на најразлични начини, и многу сме им благодарни за тоа – вели за Здравески за Умно.мк.

Што различно ќе донесе СПФ од веќе постоечките фестивали во Македонија?

– Фестивалот е поетски, но на таа основа се придодаваат и музиката, филмот, ликовната уметност. Ќе ни гостуваат „Киноскоп“ од Белград, Валентина Бактијаревиќ веќе направи кратки филмови според песните на дел од учесниците на фестивалот , ќе има и изложба на слики/илустрации направени според песни на учесниците, другарите од ВИС „Тркалезна маса“ ќе настапат како музичка поддршка, Глигор Кузмановски изработи беџови од рециклирана хартија со логото на фестивалот итн. Разликата што ќе ја донесе Скопскиот поетски фестивал ќе биде суптилна, можеби нема да биде веднаш видлива со голо око, но низ годините ќе станува сè појасно изразена.

Kаков е предизвикот да се верува и да се креира поетски настан во пандемија, кога светот, меѓу другото, е и во длабока егзистенцијална и духовна криза?

– Ова е најголемиот од сите предизвици со кои се соочивме последниве неколку месеци, откако почнавме активно да го подготвуваме фестивалот. Непредвидливоста на пандемијата и менувањето на условите влијаеја и на програмата и на начинот на којтаа ќе биде изведена, а дел од странските гости, поради влошената состојба во државава, во последен миг го откажаа своето физичко учество, па ќе се претстават со снимен материјал или преку „зум“.

Ѓоко Здравески / Фото: Томе Љушев

Но, и покрај сè, ќе го одржиме фестивалот, со надеж дека тие три дена на луѓето што ќе дојдат во МКЦ ќе им биде барем малку поубаво. Овие денови на искушение нè соочија со нашата способност за прилагодување кон надворешната стварност и нè учат да бидеме трпеливи и мирнодушни пред искушенијата.

Ќе расте ли СПФ и надвор од нашите граници?

– Тоа е една од водечките идеи на фестивалот, без таква идеја не би ни да почнувале да го правиме. Целта ни е да соработуваме со други интернационални поетски фестивали, но и не само со поетски фестивали. Како што веќе споменав, годинава почнуваме соработка со Киноскоп, фестивал за аналоген и експериментален филм од Белград, Србија, а имаме идеи и за следните години. Ќе брзаме пополека. Годинава ни е важно да почнеме.

Сподели