Голем е притисокот во скопските гимназии каде има по околу 1.200 ученици. Во секој клас има по повеќе од 30 ученици, а најголем број од нив одат во школо со јавен градски превоз
Без дистанца од 2 метра меѓу два ученика, со дезинфицирани училишта, распоред на влез и излез на учениците, во пандемија од ковид-19 денеска почнува учебната 2021/22 година. Сите средни училишта почнуваат со настава во клупи со сите ученици наеднаш, освен Тетово и Гостивар каде е поради епидемиолошката состојба овие средношколци учебната година ќе ја почнат онлајн во првите две недели. Во Кичево и во Струга онлајн-настава ќе има првата недела.
Многу наставници во средните училишта деновиве апелираа дека со актуелните бројки, со повеќе од 1.000 заразени и триесетина починати дневно, нема логика наставата да почне со целосно физичко присуство. Голем е притисокот во скопските гимназии каде има по околу 1.200 ученици. Во секој клас има по повеќе од 30 ученици, а најголем број од нив одат во школо со јавен градски превоз. Наставници апелираат, чуму образование и знаење, ако се изгубат здравје и животи на деца, наставници и нивни најблиски? Тоа ли ќе биде бенефитот од наставата со физичко присуство? Сосема поразлична е сликата во помалите градови каде класовите бројат по околу 20 ученици.

Фото: МОН
Од Министерството за образование и наука велат ги следат препораките на Кризниот штаб и не отстапуваат од одлуката, иако најавуваат дека се подготвени на уште две сценарија – хибридна настава и целосно повлекување онлајн, ако се покаже дека заразата се шири во училиштата. Од МОН постојано велат дека ги следат препораките на УНИЦЕФ и на Светската Здравствена Организација кои ја поддржуваат наставата во училишните клупи. Министерката за образование и наука Мила Царовска неколку пати повтори дека наставата во училиштата лани (основците од 1. до 3. одделение и сите класови поделени на половина) потврдиле дека училиштата не се жаришта за ширење на заразата. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека здравјето на учениците е приоритет, како физичкото така и менталното.
Ставовите на лекарите се различни. Некои епидемиолози велат дека ова е крајно опасна одлука бидејќи во овие услови во средните училишта не може да се одржува безбедно настава. Други реномирани лекари препорачуваат учебната година да се почне со преполовување на класовите и ротација на учениците.

Од полагањето на примените испити во „Панче Караѓозов“
Иако од појавувањето на вирусот сите надлежни апелираат, а во еден период беше и воведено задолжително носење заштитна маска и дистанца од 2 метра помеѓу двајца, во протоколот за средно образование дистанцата никаде не е спомната. Учениците ќе седат по двајца во клупа. Раководители на скопски гимназии велат дека се опремени со средства за дезинфекција, сапуни, направени се распореди и план за настава. Како и досега, средношколците ќе одат во две смени, по две генерации. Секој час ќе трае по 45 минути, а наставата ќе биде кабинетска (секој клас во еден кабинет/училница) за да се спречи евентуалното ширење на зараза. Ќе ротираат наставниците.
Наставници од скопски гимназии велат дека е неприфатливо во вакви услови да немаат можност на избор. Пренесуваме став на една од нив:
„Третманот кон наставниците, од страна на надлежните и одлуката за започнување настава со физичко присуство по секоја цена, колку и да е нереална во вакви услови на зараза во новиов бран, во која страдаат и млади и стари и вакцинирани и невакцинирани, не е во ред. Може проверката на знаење да се реализира со физичко присуство, во кое ќе има помал број на ученици, договорени со своите професори, каде ќе има можност да се почитуваат мерките заради помалата бројка на ученици, која може да ја менаџира самиот професор, согласно условите во кои работи. Дали со мерки проветрување на кабинет со 35 деца во клас и шест часа со по толку деца, седнати на минимално растојание еден до друг, заради просторната ограниченост на училниците, ќе се спречи ширење на зараза? … Не учеле децата? Немале знаење заради онлајн-наставата? Од моето досегашно искуство знам само едно со сигурност, дека нема да имаат знаење само тие, кои и со физичко присуство и со онлајн- настава, оценките ги добиваат ,со врски’ и ургенции, а децата што сакаат да учат, учат и кога се онлајн и кога се со физичко присуство. Ве молам МОН, немојте да си играте со здравје и животи. Ако се зголеми и сегашнава огромна бројка на заразени и настане колапс на здравствениот систем, во кој нема да знаеме колку заразени може ,да отидат курбан’, можеби ќе биде доцна за сè! Ако се случи вакво сценарио, кој ќе ја сноси одговорноста за тоа?!“

Архива на скопската гимназија „Орце Николов“ (пред пандемијата)
Во помалите градови состојбата е сосема поразлична. Ако во гимназија во Скопје има по околу 1.200 ученици, во средното општинско училиште „Цар Самоил“ во Ресен наставата годинава ќе ја следат 318 ученици од 1. до 4. година. Славица Божинова, директорка на школото вели дека се подготвени за почетокот на учебната година со физичко присуство.
– Имаме работна атмосфера, тимски работиме, сите наставници се информирани и се подготвени наставата да почне со физичко присуство. Свесни сме дека нема подобар начин да се образоваат децата од одење во школо. Подготвени сме со сè – распоред на часови, влез и излез од училиштето, движење на учениците. Хигиената е на завидно ниво. Извршена е дезинфекција на целото школо, поставени се бесконтактни диспанзери со гелови за дезинфекција на раце на повеќе места – вели Божинова.
„Цар Самоил“ е комбинирано школо, гимназија и средно стручно училиште (земјоделско ветеринарна струка). Објектот е голем, училниците се пространи, најголемиот клас има 26 ученици, а сите други се помалку од 20 ученици.
– Имаме добри услови за да се контролира образовниот процес во услови на пандемија. Се надевам дека вака и ќе ја завршиме учебната година. Се разбира, сè зависи од епидемиолошката состојба во земјава – вели Божинова.

Средното училиште „Цер Самоил“ во Ресен
МОН го објави протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во средните училишта. Протоколот содржи 30 точки. Меѓу другото, влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици во училиштето. За контролиран влез и излез во/од училиштето, пред и внатре во училиштето, се организира редарска служба, со цел спроведување на редот, задолжително спроведување на дезинфекција и носење на заштитни маски, одржување на потребното растојание меѓу учениците, и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште. На сите вработени и ученици им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер. Во случај на зголемена температура (над 37,4 Целзиусови степени) вработениот се упатува кај матичен лекар, а ако е ученик веднаш се известуваат родителите за најкартко време да го земат и ги упатуваат на матичен лекар. Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците. Учениците и вработените кои до училиштето користат јавен превоз го почитуваат протоколот за превоз на патници во јавниот сообраќај. Наставниците треба да избегнуваат подолго да се задржуваат во наставничката канцеларија и задолжително запазуваат физичка дистанца и носење на заштитна маска/прекривка на лице. Целиот документ може да го прочитате ТУКА.




