„Синхроницитети – Чувари на приказната“, ново дело на Марко Трпески кое поттикнува креативно пишување

Поттикнување на креативно пишување е примарната цел на „Синхроницитети – Чувари на приказната“, новото дело на визуелниот уметник Марко Трпески. Станува збор за друштвена или осаменичка игра во надреалистички манир и препознатлив стил на Трпески, која интуитивно ја олеснува артикулацијата на потсвесните текови на оној што ќе се осмели да (ја) игра.

– Компетитивноста и противниците во оваа игра не се норматив, а најважниот натпревар е натпреварот со себе. Синхроницитетите и самиот процес на игра се клуч и калауз за отворање на еден невидлив простор, каде што симболите креираат значенски мапи што го дефинираат нашето постоење, а случајноста сама се прекорува себеси зашто сè уште толерира да ја нарекуваат случајност – вели Трпески.

„Синхроницитети“ е мала лабораторија чија цел е зачмаените внатрешни пејзажи и монархијата на договореното свесно да ги насели со слободата на имагинацијата, која ќе изроди нова свежа реч.

Академик Влада Урошевиќ вели дека играта носи во својата основа мошне видлив поттик за креативно изразување во областа на книжевното творештво.

– По некои свои одлики има допирни точки со експериментите на познатата „прозна школа“ OULIPO … Основниот принцип, притоа, лежи во поуката кон која води овој проект – дека уметничкото создавање е блиско до игра – вели Урошевиќ.

Според поетот Никола Маџиров, „креативноста бара и будност и соновност. Оној кој спие без соништа – тој препишува. Ова е игра на будноста.“ Коста Милков, пак, вели дека „оваа игра ќе ве воведе во лавиринт на зборови и во состојба по која човештвото постојано трага – во заедничарење.“

Механиката на „Синхроницитети“ е едноставна, но бескрајно еластична. Играчот, со навидум случаен избор на комбинации од визуелни мотиви, симболи и литературни предизвици, бидува заробен од креативната енергија што до тој момент безмилосно ја потиснувал и е принуден да ги ослободи зборовите и мислата од заробеништво. Секоја партија има неминовно различен епилог, полн со неизбежни среќавања, збор во чиј корен, сакала или не, живее барем почетна среќа, среќата поттикнува животни римувања, а што се тие ако не синхроницитети?

Суштината на „Синхроницитети“ е едноставноста што само по себе укажува на комплексност од највисок степен: да се премине од свесно нетворење и преобмислување кон чинот на спонтаност и игра. Архетипските мотиви го покануваат играчот да го прочита јазикот на личното несвесно и да пробуричка низ дреболиите што му значат. Работна рамка на играта се спонтаноста, апсурдот и тоа дека неискажливото е непроверена гласина. „Синхроницитети“ е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Ѓорче Петров.

Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник, илустратор и графички дизајнер со особен интерес за надреалистичкиот јазик на симболите и спојот меѓу визуелното и литературата. Основач е на креативното студио „Метафора“ и коосновач на „Скопје колаж колектив“. Добитник е на голем број награди за дизајн и автор на збирките со графики и поетски минијатури „Метафора – поглед зад огледалата“ и „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“.

Сподели