Со филмот „Последната експедиција“ на режисерката Елиза Кубарска, инспиративна приказна за алпинистки кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите, вечерва во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде отворен 16. Фестивал на планински филм „Ехо“. Публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите „Девојка качувач“ (The Girl Climber) и „After Antarctica“. Ќе биде промовирана и книгата „Ванда — приказна за силата на животот и на смртта“ од Ана Каминска – која ја открива животната приказна на легендарната алпинистка Ванда Руткевич.
Фестивалот ќе се одржи до 24 октомври. Ова е единствениот настан во земјава што ја слави планината преку уметноста на филмот. Годинава, фестивалот ја става во центар поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет.
Посебен дел од програмата е посветен на еколошките филмови кои се селектирани целосно во соработка со Македонското еколошко друштво, МЕД, долгорочен партнер на ЕХО, кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата.
Меѓу нив се издвојуваат „Lupi Nostri (Our Wolves)“ – трогателна приказна за враќањето на волците во италијанските Апенини; „Treego of Life“ – визуелно патување низ симбиозата меѓу дрвјата и човештвото; и „WAO Zone“, кој преку планински авантури ја истражува границата меѓу природното и урбаното.
Во „Martha“ и „Plastic People“ авторите поставуваат прашања за односот кон отпадот и одржливоста, додека „Climate Art – From Protest to Utopia“ го прикажува уметничкиот отпор кон еколошките катастрофи. Ледените контрасти пристигнуваат со „Antarctica – Domain One“ и „Living Ice“, филмови што откриваат како се менува најсуровиот континент на Земјата. Програмата ја заокружуваат „Mont-Blanc Éternel?“ – поетска опсервација за топењето на глечерите во Алпите, и „Pot of Gold“ – документарец што трага по вистинската вредност во свет на материјална преизобилност.
Покрај филмската програма, ЕХО 2025 ќе понуди и предавања и презентации со врвни планинари, режисери и уметници од регионот и Европа. Посебно внимание предизвикува гостувањето на словенечките алпинистки и документаристки, кои ќе ја претстават својата визија за женската перспектива во алпинизмот и современото истражување.
Тимот Словенки – Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар – ја претставуваат женската експедиција на Лалунг во Индија и се добитнички на златниот цепин (Piolet d’Or), највисокото светско признание во алпинизмот, што ја зацврстува темата за родова видливост и меѓународен успех. Ќе настапи и Филип Бабич, еден од најпознатите полски алпинисти, кој ќе сподели лични искуства од своите искачувања и етичкиот пристап кон планината.
Филип Бабич е познат меѓу меѓународната алпинистичка сцена по неколку импресивни рекорди и подвизи кои ја покажуваат неговата вештина, храброст и етичкиот пристап кон природата. Тој го искачи Grand Capucin solo, без јаже и поддршка, за само 49 минути – насока од 570 метри која обично се искачува за околу осум часа.
Покрај тоа, во 2024 година Бабич ги помина сите четири гребени на врвот Матерхорн (Furggengrat, Hörnligrat, Zmuttgrat и Liongrat) – две на искачување и две на спуштање – во вкупно 7 часа и 43 минути, без користење на базна, логистичка или надворешна поддршка.
Публиката ќе има можност да присуствува и на македонски презентации – од искуства на локални планинари и документаристи, до разговори за еколошки иницијативи и развој на outdoor културата во земјава. Иако е тематски посветен на планината, ЕХО е урбан по концепт – сите проекции и придружни настани се одржуваат во Кинотеката на РСМ во две кино-сали, што овозможува врвни технички услови и удобност за публиката. Главниот предизвик на фестивалот е да ја пренесе автентичната енергија и слобода на планината во срцето на градот – преку филмови, изложби, разговори и живи средби со луѓе кои ја живеат планината.
Во текот на фестивалот ќе се одржат и детски работилници посветени на креативноста, природата и екологијата, со локација во Europe House Skopje. ЕХО е член на IAMF – International Alliance for Mountain Film, заедница што ги обединува најреномираните фестивали од овој жанр во светот – меѓу кои се Тренто, Грац, Катманду, Билбао и Телурајд. Со тоа, фестивалот се позиционира како дел од глобалната мрежа што го негува и промовира планинскиот филм како уметничка форма и културна вредност.





