Симон Трпчески: „Варијации“ е обединување, показател дека музиката е универзален јазик

Првиот самостоен компакт диск со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс го издаде познатата британска издавачка куќа „Лин Рекордс“

Убаво е кога убави нешта се случуваат и во вакви, предизвикувачки времиња, изјави пијанистот Симон Трпчески за Македонското радио, по вчерашното објавување на првиот самостоен компакт диск „Варијации“ со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс за познатата британска издавачка куќа „Лин Рекордс“. Оваа куќа го издаде и албумот со голем интернационален успех, Македонисимо и цедето на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович.

Среќен сум што излезе овој албум снимен во време на пандемија, лани во февруари, во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри – вели Трпчески.

Албумот е наречен „Варијации“ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани – Моцарт од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема.

– Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите – вели Трпчески.

Концертниот распоред на Трпчески полека се враќа во нормала. По настапите во рамките на Пролетната серија концерти на Би-би-си во Вигмор Хол во Лондон и на Фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, на покана од маестро Емил Табаков, Трпчески веќе наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите Американски Држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска. До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на Македонисимо– хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго, соопшти „КултурОп“.

Сподели