Првиот самостоен компакт диск со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс го издаде познатата британска издавачка куќа „Лин Рекордс“
Убаво е кога убави нешта се случуваат и во вакви, предизвикувачки времиња, изјави пијанистот Симон Трпчески за Македонското радио, по вчерашното објавување на првиот самостоен компакт диск „Варијации“ со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс за познатата британска издавачка куќа „Лин Рекордс“. Оваа куќа го издаде и албумот со голем интернационален успех, „Македонисимо“ и цедето на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович.
– Среќен сум што излезе овој албум снимен во време на пандемија, лани во февруари, во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри – вели Трпчески.
Албумот е наречен „Варијации“ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани – Моцарт од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема.
– Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите – вели Трпчески.
Концертниот распоред на Трпчески полека се враќа во нормала. По настапите во рамките на Пролетната серија концерти на Би-би-си во „Вигмор Хол“ во Лондон и на Фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, на покана од маестро Емил Табаков, Трпчески веќе наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите Американски Држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска. До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на „Македонисимо“ – хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго, соопшти „КултурОп“.





