Кога го снимав „Црна мачка, бел мачор“ со Кустурица, дојдов до состојба да оставам се’ и да заминам. Многу ми беше напорно, многу бараше од мене. Се сеќавам дека за една сцена можеби 44 пати повторувавме. „Да, јас сум многу изискателен човек, но верувај дека после овој филм, ако работиш други филмови, работата ќе ти биде лесна“, ми рече тој.
Поминаа точно три децении од неговата прва улога во „Џипси меџик“ на Столе Попов. Актерот Северџан Барјам оттогаш има снимено 15-ина улоги на филмското платно. Негова последна премиера е „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи, чија премиера е вечерва во 20 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје.
– Овој филм е отскочната даска за еден народ, бидејќи во „Утре наутро“ Ромите се прикажани како образовани луѓе, истакнати членови на заедницата, носат убава облека, живеат во убави домови и тоа треба да ни биде репер отсега натаму какви филмови ќе одбираме да глумиме. Мене лично после филмот на Јани Бојаџи и ова негово сценарио ми се отворија нови видици и многу сум благодарен за тоа – вели Бајрам.
Каква улога имате во филмот?
– Во филмот „Утре наутро“ ја толкувам улогата на Ештреф. Ештреф е татко кој се грижи за своето семејство, пред се’. Имаат добар семеен однос, разговараат меѓу себе за се’, а според мене, тоа е најважно во едно семејство во денешно време, се грижат еден за друг, но се случува една непријатна ситуација која таткото го доведува во недоумица како да постапи. Во тие околности наоѓаат решение заедно со останатите ликови во филмот, но деталите за разрешницата
ќе ги видиме вечерва на премиерата на филмот.

Каква беше соработката со колегите актери и и режисерот?
– Не само во овој филм, секаде каде сум работел на филм, имам убава соработка со колегите. Работата на филмот на Јани Бојаџи беше прекрасна, затоа што мислам дека сè зависи од тоа со какви луѓе сме опкружени. Ако во кругот има
луѓе што те мотивираат и со кои напредуваш, тогаш и соработката тече убаво, но ако не е таков случајот, тогаш си во кафез. Соработката со сите, буквално со сите актери, но и останатите членови на екипата кои работеа на филмот, од
шминкери, кетеринг, костими беше на завидно ниво. Со Јани Бојаџи прв пат работам на филм и задоволен сум од соработката, бидејќи се разбиравме и веднаш ми посочи која улога ќе ја толкувам, ме внесе во улогата, во приказната и се надевам дека и тој е задоволен од мене и дека ќе соработуваме и на други проекти.
Спомнавте дека Ромите во филмов не се прикажани на начин вообичаен за балканските филмови. Како Вие гледате на тој чекор во сценариото на Бојаџи?
– Досега не сум играл во филмови каде Ромите се прикажани во негативно светло. Но, сакам да истакнам дека овој филм е отскочната даска за еден народ, бидејќи во „Утре наутро“ Ромите се прикажани како образовани луѓе, истакнати
членови на заедницата, носат убава облека, живеат во убави домови и тоа треба да ни биде репер отсега натаму какви филмови ќе одбираме да глумиме. Мене лично после филмот на Јани Бојаџи и ова негово сценарио ми се отворја
нови видици и многу сум благодарен за тоа.
Дел од актерите зборуваат на ромски јазик и специјално учеа за филмот. Дали добро го совладаа и кој најдобро?
– Дел од актерите говорат ромски јазик во филмот. Немав можност да бидам во иста сцена со Васил Зафирчев, имам сцени со Кети Дончевска Илиќ и Ирена Илиевска и можам да кажам дека одлично го совладаа ромскиот јазик. Со нив
работеше лектор за ромски јазик и тие навистина го совладаа до степен што не само да го кажат текстот, туку вистински ги пренесуваа чувствата со точна дикција, со емоција. Има некои комплицирани зборови во ромскиот јазик, воопшто секој јазик е можеби тежок за оној што не го говори. На почетокот им беше тешко да го совладаат, но во една сцена кога Аида (Ирена Илиевска), нашата ќерка ми објаснува мене и на мајка си (Кети Дончевска Илиќ) како ја вратиле од граница, текстот го кажа толку емотивно и чисто литературно што едноставно не може да се забележи дека не го зборувала дотогаш ромскиот јазик.
Додека снимавме во Шутка имавме и една случка каде жителите беа насобрани околу екипата и гледаа додека снимавме. Слушнав дека меѓу себе се прашуваат кои се овие актерки Ромки, а потоа им објаснивме дека не се Ромки, туку Македонки. Значи тие толку добро го совладаа јазикот, што воопшто не може да се забележи дека тогаш го учеле. Искрено јас на почетокот не верував дека некоја актерка ќе успее така добро да зборува и да одигра Ромка со таква емоција, но морам да се извинам што не им верував. Многу бев горд што се зборува ромски во филмот, ми беше мило, бидејќи јас по националност сум Ром, но сум македонски актер и секаде така сум претставен и кога снимам во странство.
Што значи за Вас можноста да играте на филм?
– Филмот за мене е сон уште од мало дете. Ја имав таа желба во мене уште од најрана возраст и не знам како да ја објаснам. Кога ја добив првата улога се прашував дали е ова само почеток или почеток на крајот. Првиот филм беше
„Џипси меџик“ во 1995 година, потоа снимав и други не само долгометражни филмови, спотови… Кога нешто посакуваш силно секогаш се исполнува.

Што Ви беше најголем предизвик во снимањето на филмот ,,Утре наутро”?
– Улогата ми ја даде Јани. Тој се’ ми објасни неколку месеци пред снимањето имавме многу консултации, примери, барање на локации, актерки, актери… Имаше многу прашања и тоа што знаев, му помагав. И на крајот ми ја даде мојата улога. Не ми беше тешко да одглумам. Секоја улога кога ја подготвувам, било да е голема или мала, јас секогаш се склучувам од реалност, седнувам читам и учам. Толку не сум учел за на училиште колку што учам кога подготвувам некоја улога. После веќе кога имам костим и шминка на мене пред снимањето, јас веќе немам никаква дилема, ниту страв, освен ако немам некаква идеја, па да му ја предложам на режисерот. Се случувало, особено ако е поголема улога, да предложам некогаш измена, дополнување. Со Јани одлично се согласувавме и тој е еден од режисерите со кои лесно се соработува.
Морам да кажам дека кога го снимав „Црна мачка, бел мачор“ со Емир Кустурица дојдов до состојба да оставам се’ и да заминам. Многу ми беше напорно, многу бараше како режисер од мене. Се сеќавам дека за една сцена
можеби 44 пати повторувавме. Среќа што се раздени и веќе не можевме да снимаме. Јас почнав да негодувам, ама зборував на ромски, но Кустурица е искусен, не можеш да го прелажеш, сфати дека нешто не е како што треба,
излезе од трејлерот се качи горе и ме праша што е работата. Му реков дека не можам повеќе, душа ми излезе, добив и пневмонија од постојано седење во вода… Тој почека да се смирам и после ми рече: Да, јас сум многу изискателен човек, но верувај дека после овој филм, ако работиш други филмови, работата ќе ти биде лесна. И навистина, досега имам снимено 15-16 филмови и навистина беше полесно.
Дали имате некој нов проект за во блиска иднина?
– Минатата година завршив четири филма од кои се очекува премиера на „Утре наутро“ на 19 ноември, премиера на „Скејтбордот не е за девојки“ и еден крaткометражен филм во Србија чија премиера се чека да се закаже. За
понатаму во план е гостување со една театарска претстава во Белгија во февруари или март, а за потоа ќе видиме.





