Сесил Меклорин Салвант нè вивна во вонземното

Ова е можеби најдобриот женски вокал што сме го слушнале на Скопскиот џез фестивал, се слушаа импресии по завршувањето на концертот на Сесил Меклорин Салвант и нејзиниот квартет синоќа на отворањето на 43. издание. Не попусто публиката ги награди со бурни аплаузи и овации, а за награда доби два биса. Трикратната греми-лауреатка, 35-годишната Американка заедно со својот исклучително шармантен квартет, прв пат настапи во Скопје. Сесил Беклорин Салвант има сè што треба да има голема музичка ѕвезда.

Божествен глас во кој ви се чини се влеале еден куп музички инструменти, насмевка во секој момент да и’ подари на публиката, дури и тогаш кога ги пее најтажните стихови на светот, комуникација со публиката и со својот бенд… Постои посебна синергија, посебно со Саливан Фортнер, водечки американски џез-пијанист.

Врв на концертот беше изведбата на Ghost of Our Love заедно со Фортнер, можеби еден од најубавите дуети и изведби што сме можеле да ги чуеме во Скопје, воопшто! Комбинирајќи џез, блуз, фолк, Сесил буквално воскресна стари и подзаборавени песни и им даде своја душа, баш како што ја најави и Оливер Белопета, директор на фестивалот.

Веднаш по концертот, во Младинскиот културен центар настапи македонскиот состав Next to Silence, a му беше врачена и наградата за најдобар млад џез музичар на Кирил Кузманов.

Фотографии: Татјана Ранташа

Сподели