Убијте ги прво предрасудите!

Многу студии можат да се сработат за однесувањето и навиките на македонскиот народ на социјалните мрежи. Најјаките универзитети можат да нè набљудуваат и да дојдат до заклучоци од кои и науката ќе се изненади, а богами некој дел од нас и би се срамеле со кого делат етер.

Последниот игран филм чија премиера ја видовме есенва е „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец. Ја имав честа меѓу првите да ја изгледам оваа урбана градска приказна на затворена проекција, благодарение на довербата на продуцентот Атанас Георгиев. Уште на првиот повик за статисти, а и пред да го гледам филмот, признавам, имав мисла, мм, каков храбар наслов, мора да има приказна зошто е така. И на таа затворена проекција, го осеетив грчот на режисерот за тоа дали можеби ќе биде опасна игра со публиката поради насловот, како нашата средина ќе го прифати нештото.

Штом го изгледав филмот, точно знаев дека избрале совршен наслов. Нема да им го убијам филмот на тие од вас што сè уште не сте го гледале (а топло го препорачувам, игра во „Синеплекс“) и да ја откријам поентата, но насловот најприродно извира од длабоката идеја на оваа црна комедија и драма, слика на многу од тоа што го живееме.

И кога прочитав прв текст на тема зошто таков наслов, а од текстот точно се дознава дека филмот не е ниту гледан, само си реков… ете, дојде денот за длабоки промислувања. Прво, дискредитирате уметничко дело на кое работеле многу луѓе, сонувал прво авторот, го пишувал сценариото, го чувал во фиока, се борел да му најде живот, да најде продуцент што ќе го поверува, а во случајот тоа е Атанас Георгиев, еден од најуспешните продуценти што сме ги имале (продуцентот на „Медена земја“, да потсетиме) (Од каде па Медена земја во оваа пустелија, не знам како не се фативме и за тој наслов).

Во 2004 година ги правев моите новинарски почетоци во дневниот весник „Дневник“. Немаше електронско издание, немавме право на грешки. Освен оригиналната авторска содржина, повремено имавме и обврска да преведуваме англиски, српски на македонски јазик. Таа година излезе премиерата на Passion of Christ – на Мел Гибсон. Во киносалите беше преведен „Страдание“. Јас млада неискусна, брзоплета, без да го проверам насловот, контекстот и сл. насловот го преведов „Страста на Исус“! Без да отворам речник, да видам колку значења има тој збор. Не се сеќавам дали беше во истиот број, но имав уште еден сјаен бисер на тема превод – филмот со Хилари Свонк и Клинт Иствуд – Million Dollar Babe, јас ни две ни три, си го преведов – „Бебе од милион долари“, а требаше бебето да биде девојка и тоа боксерка. На мејл-адресата на „Дневник“ добивме електронско писмо од почитуваниот Драги Михајловски, професор по англиски јазик и книжевност, човек кого многу го почитував и како автор и како интелектуалец. Во писмото тој се обраќа до редакцијата на најљубезен можен начин, со тон, речиси ниту прекорувачки, но поучувачки, професорски, со објаснување дека сме погрешиле во преводот и да внимаваме во иднина. Е тоа, драги мои, ми беше една од најголемите лекции во новинарскиот живот, оти од тогаш, никогаш не оставив наслов да ми биде непроверен, непрокоментиран со моите колеги, лектори итн… Зошто го спомнувам овој пример? Затоа што Михајловски беше растоварен од секаква зла намера, посочи за направена грешка, без да повикува, кој го тоа направил, на најкултурен можен начин. Филмот како уметност е одраз на реалноста, ама е и одраз на слободата на изразување.

„Убиј ги прво децата“ праќа силна порака дека ако не вложиме во децата и прво нив ги пуштиме низ вода, толку од нас! А факт е дека системот низ годините „убива“ веќе многу деца, на овој или оној начин. Ќе ја искористам оваа прилика да ги спомнам главните актери во филмот – Мартин Ѓоргоски, Миа Жиро, Стефан Спасов, како и сите епизодни улоги (Лео Поповиќ, Марко Трајкович, Адријан Азири, Стефан Вујисиќ, Анастас Тановски…) создадоа одлични улоги сите до еден!

А вие сите загрижени за непријатните наслови, бидете доблесни во иднина, прескокнете слободно филм чиј наслов ви ги пара осетливите уши. Ама оставете ги на раат луѓето што имале визија, желба, потреба нешто да кажат! И уште многу поважно, убијте ги прво предрасудите!

Насловна фотографија: Томислав Георгиев

Сподели