Се потрудивме да продреме во нашето време и да создадеме перформанс во кој ќе ја видите бурата на младите актери

Шесте дена од заедничкиот процес во „Бура и продор“ беа длабоко истражување на ранливоста и човечката поврзаност, создавајќи моќна врска со моите колеги. Ова заедничко патување го засили верувањето дека раскажувањето приказни е моќна алатка за емпатија и разбирање – вели актерот Дин Ибрахим

Театар. Шест актери. Еден телефон. Влезете во светот на шест актери кои го чекаат својот повик. Чекајќи го повикот, секој од нив добива шанса да се соочи и да ја раскаже својата бура. Перформансот „Бура и продор“ се занимава исклучиво со актерската професија и со лични бури поврзани со актерството и театарот, прикажани преку разни драмски и комични ситуации, ставајќи акцент на изразувањето преку движење – вели режисерката Теа Беговска, за перформансот „Бура и продор“, што вечерва ќе биде изведен во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје.

Перформансот е резултат на шестдневна работилница што се одржа во рамките на театарскиот фестивал „Скупи“, каде и се одржа премиерата.

– Како инспирација за овој перформанс тргнавме од познатото германско движење sturm und drang, во превод Бура Продор, движење во уметноста кое донело нови форми кои силно продреле во делата на големите автори. Во оваа работилница се потрудивме да продреме во нашето време и да искреираме перформанс во кој ќе ја видите бурата и продорот на младите актери. „Бура и продор“ – перформанс кој говори за актерот, пред се’ – човек кој бурно се носи и бори со своето време – вели Беговска.

Улогите ги толкуваат: Бојан Лазаров, Дин Ибрахим, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски, Илин Јовановски, Дениз Рустеми.

Би сакала да ги пофалам сите актери. Имав среќа да работам со талентирани и посветени актери кои за шест дена успеаја да ги реализираат сите идеи со леснотија и уживање и брзо да размислуваат. Сакам да работам со актери кои брзо размислуваат и брзо влегуваат во процесот на креирање и се спремни да се дадат до крај. Со ваква екипа и со јасна идеја се прави претстава и за кратко време, без костими, без сценографија, без светло. Само празен простор и актери – вели Беговска.

За актерот Лазаров, овој процес му помогнал креативно да ги извади сите потиснувани емоции со кои се соочувал за време на своите бури и продори. -Искреаиравме реален, искрен и емотивен перформанс во кој не само актери – секој човек би се пронашол. Прв пат соработувам со режисерката Теа Беговска и ни посакувам уште многу соработки – вели тој.

За младиот Дин Ибрахим, актер од Турскиот театар од Скопје, „споделувањето на неговите борби и приказна со интимната група од 6 луѓе и со пошироката публика било длабоко трансформативно и катарзично искуство“.

-Отворањето за моето лично патување на сцената не само што ми овозможи да се поврзам со другите колеги, туку и со срцата и умовите на оние кои сведочат за изведбата. Шесте дена од овој заеднички процес беа длабоко истражување на ранливоста и човечката поврзаност, создавајќи моќна врска со моите колеги. Ова заедничко патување го засили верувањето дека раскажувањето приказни е моќна алатка за емпатија и разбирање – вели Ибрахим.

За актерката Миа Кантарџиева Петровска, „Бура и продор“ е посебно искуство преку кое се запознала со прекрасни колеги. Овој процес и докажал дека се уште постои искрена и безусловна љубов за создавање и изразување преку театар. Доказ дека е потребна само желба и ентузијазам и се’ е можно, па дури и за краток период од 6 дена, вели таа.
Соработував со трудољубиви и одговорни колеги кои уште од првиот ден покажале дека се спремни да се вложат во процесот, вели актерот Тодор Стојковски.

-Пробите знаеја да бидат исцрпувачки, но крајниот резултат вредеше. Изведбата беше реален приказ за проблемите со кои се соочуваат глумците во секојдневието. Искрено многу научив од процесот и одвај чекам да видам до каде може да се издигне нашиот перформанс.

За актерот Илин Јовановски, ова било можност за истражување на човековото его и суетата на самиот актер. Исто благодарен на ова искуство е и неговиот колега Дениз Рустеми, кој се радува на неверојатната страст што во работата ја покажале неговите колеги.

– Сакам да им се заблагодарам на целиот тим за неверојатното време и за можноста да се изразам уметнички. Секогаш ќе бидам благодарен на Теа за шансата да настапам повторно на сцената! – вели тој.

Сподели