Библиотеки од Македонија претставени на Третиот форум на библиотечната унија во Кина 

Македонска делегација со претставници од библиотеките „Браќа Миладиновци“ од Скопје и „Свети Климент Охридски“ од Битола учествуваа на 3. Форум на библиотечната унија на земјите од Централна и Источна Европа и Кина што се одржа во кинескиот град Нанјинг. Градската библиотека од Скопје ја претставија директорката Снежана Стојчевска и Ивона Џаматовска Јанкуловска, виш библиотекар, а а битолската библиотека – Јелена Петровска, библиотекар советник.

На стручниот панел Џамтовска-Јанкуловска говореше на тема „Иновативна промоција на избраната литература“, а Стојчевска го претстави краткиот видеозапис за најстарата книга од фондот на „Браќа Миладиновци“ – „Басни“ од Езоп од 1566 година.

– Учеството на Форумот кој беше организиран на највиско ниво и со многу почести се големо искуство за нас. Кина е земја со огромна традиција во библиотечното работење, која многу вложува во култот кон книгата и во културата воопшто. Особен предизвик беше да се запознаеме со сите иновации на кои се работи за доближувањето до читателите од новите генерации. Кина и Форумот се уште еден доказ дека книгата и културата на секоја земја се нераскинливо повразни со нејзината опстојба, но и дека се дел од најважните алатки при меѓународната размена и дипломатија – вели Стојчевска.

Во официјалниот билатерален дел таа се сретна со Лиу Донг, генералниот секретар на Библиотечната унија, воедно и директор на јавната библиотека од Хангџу. Тој го искажа задоволството од заложбите за продлабочување на идните културни размени меѓу Кина и Македонија и зајакнување на меѓусебното разбирање во насока на постигнување културен и цивилизациски напредок.

Со Чен Јун, директорот на библиотека од Нанјинг беше разговарано за прашања од областа на библиотечното работење, како и соработката меѓу двете земји во културата и економијата. Библиотеката од Нанјинг беше домаќин на Форумот, а директорот на скопската библиотека ù подари книга со реплика на старите кинески ракописи.

Македонската делегација ја посети и библиотеката во Шангај каде што се запозна со принципите на врвната технологија имплементирани во на паметни/смарт библиотеки.

Библиотечната унија е дел од програмата на Декларацијата Хангџу за културна соработка (2018-2019) помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, објавена од кинеското Министерство за култура во септември 2017 година и потпишан од 16 земји. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е членка на Унијата од 2018 година, а во 2021 година беше домаќин и на нејзиниот втор форум, вклучен во Програмата за култура на Град Скопје за таа година.

Библиотеката како чувар на културното наследство е незаменлива алка во меѓународниот синџир на културна размена. Успешно реализираниот форум за културен развој во 2023 година беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Кина. Целта на Форумот и на Унијата е да се зајакне размената и соработката со земјите од ЦИЕ преку промовирање, споделување библиотечни ресурси, како и културна размена и техничка соработка на меѓународната библиотечна заедница.

Сподели