Саем или панаѓур? Како до подобар Саем на книга?

Она на што треба да поработат организаторите е малку поголем маркетинг и поголема видливост на настаните што се одржуваа во Промо центарот на саемот. Секој ден се одржуваат по неколку промоции, дебати, разговори со авторите, а за овие случувања многу малку луѓе се информирани – вели авторот Петар Андоновски.

Речиси 30.000 посетители во изминатата недела го посетија Саемот на книгата што по 35. пат се одржа во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Шеесетина издавачи ги презентираа своите изданија пред читателите. Организаторите на Скопски саем се задоволни од јубилејното издание, а особено среќни што се вратила публиката и организираните посети, посебно по три години пауза, поради ковид-пандемијата.
Но, што велат издавачите, тие што во суштина се задолжени за понудата на литературни изданија? Што може да се направи за саемот да биде подобра манифестација?

Што и да правиме, тоа треба да биде достоинствено. Во спротивно, поарно е воопшто да не го правиме, вели Ника Гавровска, авторка и основач на издавачката куќа „Гаврош“ од Скопје. Според неа, посетата на учениците од училиштата не им донесе полза ниту на издавачите, уште помалку на децата.

– За поздравување е иницијативата за организирана посета на Саемот на книга, ама тогаш навистина треба да го промислиме поимот организирана. Организација не значи пристигнување на 8 автобуси наеднаш и нивно „истоварање” во исто време пред вратите на салата. Сигурно постои можност за некаков распоред за влегување, па и посетителите, во случајот децата, да се почувствуваат достоинствено и горди на тоа дека присуствуваат на нешто деликатно, како што би требало да биде саем на книга, а не панаѓур. Причините за таков распоред пред сè би биле од безбедносен карактер во и онака загушливиот простор. Баш би било убаво доколку некоја следна година има некој да ги пречека, па да ги преземе и да ги води низ саемот овие групи и да им ја раскаже вистинската причина зошто се тука и што значи тоа да се создаваат книги. Да им објасни зошто читањето може да биде кул. Кражбите на книги, турканиците и трчањето по трибини нема да ги коментирам. А, покрај издавачите можеби треба да ги прашате вработените во обезбедувањето на Саемот, како тие се справуваа со оваа ситуација во последните три дена од настанот. Паушалноста не смее да надвладее или најстрашното сценарио: формата над содржината – смета Гавровска.

Според Ненад Стевовиќ од „Или-Или“ треба да се направи нешто повеќе во врска со изгледот на штандовите и да не се дозволува изложувачите да прават што сакаат.
– Тука, пред сè, мислам на еден дел од централните штандови кои со своите рекламни паноа себично и без почит во голем дел ја намалуваат видливоста на страничните штандови. Тука Саемот треба да настапи поавторитетно и да постави некои правила. Музиката од централниот разглас (патем, прилично лоша музика) често се меша со музиката од некои штандови и не е пријатно да се трпи тоа. Посетата на училиштата, орханизирана на ваков начин, се чини сосема бесмислена и само н попречува во работата и посетителите во движењето – вели Стевовиќ, кој посочи дека во однос на своето претставување, „Или-Или“ добро поминале.

За Билјана Црвенковска од „Чудна шума“, „саемот на книга полека но сигурно се претвора во еден голем панаѓур, сосема соодветно на вкусовите и апетитите на поголемиот дел од посетителите (а и на нивната куповна моќ во време на голема криза)“.
-Иако секаде по порталите читам за рекордна посетеност на овогодинешниот саем – верувам дека тука најмногу се сметаат децата (и младите) кои со автобуси доаѓаа како на екскурзија, купувајќи џиџи-миџи од придружните тезгички на влезот од саемот и јадејќи колбаси кај Дедо Медо. Но, и покрај тоа што саемот беше преполн со деца со буџет до 100 денари, и покрај многуте промоции и настани на издавачите и покрај тоа што „Чудна шума“ не „помина“ лошо и среќни сме што имавме убав, штанд и доста содржини – постојано се прашував (и не само јас, туку и многу мои колеги издавачи): Каде е вистинската читателска публика? Зошто оние верните читатели сѐ поретко доаѓаат на саем и преферираат да купуваат во книжарници? Дали сакаат да ги избегнат гужвите, панаѓурот, задушливата и топла спортска сала (оти, тоа, на сите ни е јасно, не е саем)? Дали луѓето од културата можат да си дозволат да уживаат култура со влезници од 80 денари? Колку книги можат да си купат?… И други прашања што ме мачат по сите впечатоци од овие седум дена – прашува Црвенковска.

Авторот Петар Андоновски го изразува своето задволство што по затворањето на Сајмиште, Саемот на книга е еден од ретките кој продолжи да постои без прекин, дури и во време на пандемија.
– Се сложувам со критиките дека спортска сала не е соодветен простор, но издавачите се доведени во ситуација или да има саем на книга ваков каков што е или воопшто да нема. Она на што треба да поработат организаторите е малку поголем маркетинг и поголема видливост на настаните што се одржуваа во Промо центарот на саемот. Саемот на книга не е обичен панаѓур на кој само се продаваат книгите, туку секој ден се одржуваат и по неколку промоции, дебати, разговори со авторите, а за овие случувања многу малку луѓе се информирани. Она што мене лично ми недостигаше е присуство на издавачи од регионот, иако беше најавено дека ќе гостуваат, не видов ниту еден странски издавач – вели Андоновски.
Организаторите на Саемот се задоволни од 35. издание и тоа ги исполнило нивните очекувања, а посетеноста била 20% поголема во однос на минатата година.

– Истото е показател за успешната организација и зголемениот интерес на посетителите и тоа од диверзифицирани генерации. Значително и повеќе пати е зголемена организираната посета на ученици од цела држава. Споредбено со минатата година, посетеноста на Саем на книга од страна на ученици и училишта е за 3 пати поголема. Голема благодарност до Министерството за култура како покровител, за целосната поддршка во афирмацијата на Саемот на книга во образовните институции – велат тие.

Промоциите и средбите со автори привлекоа многубројна публика, односно посетители. Следната година, Скопски саем планира, како што тоа го прават светските саеми, да организира и воведе во програмата уште повеќе промоции, средби со автори и глобални новитети од разни видови и формати, – сѐ со цел креирање интересни содржини, коишто се и дел од очекувањата на читателите на нови книги и љубителите на пишаниот збор.
Во однос на поплаките на некои издавачи дека меѓу другото дека им снемувало книги од нивните штандови за време на работното време на саемот, организаторите објаснуваат:

– Согласно пријавата односно договорот потпишан со секој издавач за учество на Саем на книга, јасна е одговорноста, во поглед на обезбедувањето, каде што гласи дека, „Изложувачот е должен во работно време на манифестацијата да обезбеди постојано присутно одговорно лице на штандот и доколку настане штета, кражба или слично на изложените експонати во текот на работното време на саемот, одговорноста за настанатата штета паѓа на товар на изложувачот. Организаторот ја презема одговорноста на обезбедување на експонатите вон работно време на Саемот.“
До организаторот до ден денес немаат пристигнато ваков вид на жалби од ниту еден издавач, затоа не е доволно јасен изворот за ваквите посочени жалби и кражби. Обезбедувањето организирано за Саемот на книга има главна цел за воспоставување ред и контрола на посетителите, што професионално беше реализирано од лиценцирана агенција, – и покрај големата посетеност на саемот – велат организаторите.

Сподели