Шест олимпијци – шест медали! Македонија со нов рекорд на Балканската математичка олимпијада

На јубилејната 40. Балканска математичка олимпијада што се одржа во Анталија, Турција, Македонија оствари нов рекорд. За прв пат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени. Златниот медал го освои Никола Спировски, сребрениот – Дамјан Давков, а со бронзените се закитија: Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски. Ова е најголемиот успех на Македонската репрезентација на Балканската математичка олимпијада досега, велат нивните литери Никола Велов и Петар Филиповски. Македонија е една од трите држави со златен медал.

Бројот на освоени тимски поени кој само во 2022 г. беше 118 е уште еднаш надминат, и оваа година изнесува 157 поени, што ја пласира Македонија на 5. место во официјалната конкуренција.
Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов.
– Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески и претседателот на комисијата за ММО и меѓународни натпревари проф. д-р Мирко Петрушевски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот. Неизоставно им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките – велат од тимот.

Тие дополнуваат дека во наредните денови на веб-страницата на СММ со сите ученици кои ја сакаат математиката ги споделат материјалите од подготвителните часови што ги посетуваа одбрани ученици во склоп на Олимписката школа „Александар Блажевски-Цане“.

Сподели