Резиденциите се пресудни за зближување на младите уметници

Уметничката резиденција на визуелните уметници им нуди престој и во една згрижувачка атмосфера, можност од непосредното искуство, непосреден контакт, разговор во живо, вели Гордана Велков, историчарка на уметност

Организацијата на резиденции на млади автори, уметничка продукција, истражувачки техники и содржини е слоевита и вклучува соработка на повеќе организации, поддршка од меѓународни, државни и регионални институции. Но, за вистински да се реализира ваква соработка на крајот сè зависи од личните контакти, професионалната посветеност, личната доверба, но најважна е желбата и добрата воља, вели Гордана Велков, историчарка на уметност и куратор на изложбата „A/R Каљари-Скопје“ која вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во Музејот на Град Скопје. Ќе бидат изложени дела изработени за време на Уметничката резиденција во 2022 година на која учествуваа уметниц од Скопје и од Сант Антиоко, Сардинија). A/R (andata e ritorno; повратен пат) е патувачки дневник на уметниците, нивните идеи и соочување со новините од стекнатото искуство.

– Целта на обединувањето на креацијата е да се развие идеја на зближување на младите уметници преку уметноста, културата, различностите во живеењето, но и сличностите во културата и традицијата во регионалните рамки на Европа кои делат заеднички вредности – вели Велков.

На резиденцијата учествуваа македонските авторки Лина Дамјан и Ана Спасова и нивните колеги од Италија, Кјара Александра Јанг, Марко Манкони и Давиде Мариани.

Иако светот никогаш не бил подостапен и поповрзан (интернет, нискобуџетен авионски превоз), сепак не гледаме често заеднички изложби на македонски и странски уметници. На прашањето на што се должи оваа состојба, Велков вели дека прашањето треба да се разгледува комплексно. – Не секој кој што научил да плива, значи дека и веднаш знае да нурка. Достапноста на современите комуникациски придобивки од технолошката и либерално-економско глобалната цивилизација која ја живееме ни нуди една комоција, можеме да пливаме во поголеми води преку разно-разни понуди – туристички, културни, печалбарски, целата стриминг-медија ја гради илузијата на имиџот кој го посакува современиот човек без да поставува прашања дали може да се удави ако заплива во некоја подлабока вода. Вистинската реализација на некоја соработка на крајот се сведува на личните контакти, професионалната посветеност, личната доверба, но најважна е желбата и добрата воља – вели таа.

Според неа, ваквите соработки се многу важни, зашто уметничката резиденција на визуелните уметници им нуди престој и во една згрижувачка атмосфера, можност од непосредното искуство, непосреден контакт, разговор во живо. Отсекогаш низ времето можностите на уметниците за нивна продукција и промоција се менувале според развојот на општествениот систем. Во денешните расчекори помеѓу моќта и парите од една страна и системот и институциите од друга страна, положбата на младиот уметник може да биде од старт многу зависна.

– Се надевам дека овие независни програми кои нудат престој на млади и реализирани уметници е дополнителна можност за нови креации, истражувачки теми и медиуми во уметноста, а со тоа градење на културни мостови помеѓу уметниците и публиката и зацврстување на заедничките вредности во квалитетот на живеењето без разлика на која политичко-општествена или социјална унија или група припаѓаме. Интересно е да потенцирам во конкретната соработка помеѓу младите македонски и италијански уметници изнајдовме многу заеднички точки кои го спојуваат нашиот менталитет и современото живеење највеќе изградено преку домашното воспитување и општествените околности. Оваа појава за мене претставува слика која припаѓа и ги отсликува периферните граници на Европа кака Унија на европските земји, Медитеранската граница и границата од балканските земји – објаснува Велков.

Делата што ќе бидат изложени вечерва се работени во различни медиуми – фотографија, дигитален цртеж, филм, звук. Сите се од областа на визуелните ликовни уметности, но исто така и музиката, поточно звучни сегменти, кои го отсликуваат и збогатуваат фигуралниот простор на некои од содржините на уметничките дела на авторите.

Кај македонските авторки Лина Дамјан и Ана Спасова преовладува фотографијата како медиум. Фотографскиот објектив кај двете авторки го отсликува нивниот различен фокус на сензации на уметничкото доживување како третман и уметнички пристап. Спасова ја истражува архитектурата. Во нејзините фотографии се отсликува амбиентот на Медитеранот и магијата на историјата и културата која стои статично покрај современото и сè уште доминира на посебен начин врз цивилизациските вредности. Дамјан на фотографиите интервенира и ги доработува во компјутерска графика и на реалната содржина и отстапува простор на имагинацијата и емоциите, создавајќи го оригиналното чувство и приказ на нејзините доживувања за време на уметничката резиденција во Сант Антиоко.

Уметниците од Сардинија лани кон крајот на септември престојуваа во Уметничката резиденција на здружението „Македонида“ во Скопје каде ги изработија своите дела и ги прикажаа на завршна работна изложба во просториите на резиденцијата. На почетокот на октомври македонските уметници од Скопје престојуваа во арт резиденцијата на здружението „Отоволанте Сулчис“, во Сант Антиоко и се претставија со работните уметнички дела во Градската галерија при Општината на градот Сант Антиоко.

Сподели