Како го чуваме преданието – примерот со манастирот „Св. Наум“

И Бог му рече на апостол Павле: „Помнете ги своите учители, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте го крајот на нивниот начин на живеење, подражавајте ја нивната вера!“ (Евр. 13,7).

Пишува: Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Манастирот „Св. Наум“ во Охрид, со црква посветена на небесните архистратизи, арханѓелите Михаил и и Гаврил, е изградена на јужниот брег на езерото, кон крајот на 9 почетокот на 10 век, во времето по доаѓањето на св. Наум во Охрид во 893 година. Од сочуваните извори, посебно житијата на св. Наум и св. Климент Охридски, дознаваме дека тие биле ученици на св. Кирил и Методиј, ги придружувале во Моравската мисија и при посетата на Рим. По смртта на св. Методиј и бројните прогони кои настапиле, тие едно време претстојувале во Белград, а потоа и во Преслав. Св. Наум останал во Преслав седум години, а потоа пристигнал во Охрид каде го продолжил делото на св. Климент. Непосредно пред упокојувањето (910) како монах, велико схимник ја продолжил својата мисија во манастирот, станувајќи прв киновијски монах кај Јужните Словени. „Со изградбата на Климентовиот манастир на ,Св. Пантелејмон“ и на Наумовиот на Арханѓели, на ,деволскиот дел’ на Охридското Езеро се означува и почетокот на монашкиот живот кај Јужните Словени.“ (Манастир „Св. Наум“, 2015). Во оваа смисла тој истакнува дека од особено значење е манастирот „Св. Наум“, бидејќи неговиот основач е монах кој се упокоил во манастирот врз кој имал старешинство и во оваа смисла тој настапува како еден од основоположниците на монаштвото со општожителски вид ,многу години пред појавата на киновијското, општожителско движење во Света Гора.
Врската која постоела помеѓу св. Климент и св. Наум, двата светилника кои делувале во Охрид е потврдена во житијата во кои е забележано дека осветувањето на Наумовиот храм „Св. Архагели“ го направил токму епископот св. Климент („Беседа за бестелесните сили Архангел и Гаврил“). При упокојувањето на св. Наум ( 910) св. Климент бил тој кој „го положил неговото тело во гробот на десната страна на неговиот храм“.
Благодарение на обемните истражувања извршени во 1955 година, под раководство на проф. Димче Коцо, потврдени се остатоци од оригиналната триконхална основа на Наумовата црква како и делови од пронаосот со трибилонот. Споредбено, триконхалната основа на првобитнта Наумова црква со трибилонот е скоро идентична со основата на Светиклиментовата црква на Плаошник. Во овој контекст, потребно е да се нагласи дека овој тип на триконхоси се најстарите сочувани на Балканот и како такви се од непроценливо значење за следење на развојот на црковното градителство.

Внатрешноста на црквата со трибилонот

Исклучителното значење на манастирот, како предание и културно наследство, многу рано е забележано од проучувачите и веќе во 1950 година со посебно решение црквата со придрижните манастирски конаци добива правен статус на заштитен културно-историски споменик. До 1962 година со манастирскиот комплекс управува Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а потоа управувањето е префрлено на Општинскиот завод во Охрид. Во 1991 година, со одлука на Извршниот совет на Р Македонија, 19 цркви и манастири, вклучително и „Св. Наум“, се вратени на владеење на МПЦ. Од оваа година па сè до денес, со манастирот управува јеромонахот Нектариј, денес архимандрит на манастирот.

Во претходниот текст укажав дека споменикот на култура, како вредносна категорија, во своето опстојување поминува низ две фази – природна фаза на создавање, обновување, менување и институционална фаза на заштита, чување и презентација. Кога станува збор за манастирот „Св. Наум“ во Охрид, културно и природно нследство под заштита на УНЕСКО (1980) институционалната фаза на заштита и чување која е воспоставена во 1950 година добива дополнително значење и обврски од институциите по 1980 година кога добива статус на светско наследство. Тоа значи дека, државата/институциите се должни да водат посебна грижа за одржување и чување на исклучителните вредности на градот и наследството од сите видови. Промената на имателот на манастирот „Св. Наум“ во 1991 година, со задржување на основната функција-споменичка целина со црква и пропратни градби, конаци, трпезарија… треба да подразбира чување на автентичниот изглед на затекнатите градби во историскиот контекстот заклучно со 1950-1980 год. Наспроти тоа, во дворот на манастирот и неговата непосредна околина се случуваат сосема спротивни штетни дејства. Веќе во 1994/5 година е срушен стариот конак од 19 век кој беше изграден на јужната страна и направен нов хотел. Лично сведочиме за овој настан за кој тогашниот закон предвидуваше прекршочна казна. Гласот на експертите не се слушна затоа што премолчи актуелната власт која молкум го заобиколи законот и го овозможи градењето на хотелот (кој е даден на користење на фирмата „Виомарк“ сè до враќање на вложените инвестиции). Во 2003/4 година изграден е Конак бр. 1 на југозападниот дел од манастирот, со монашки ќелии во долниот дел, подрум, трпезарија за 80 души, а во горниот два салона со највисоко (луксузно?) ниво и други простории. И ова не е сè. Градежната офанзива во манастирот продолжува на западната страна, со изградба на параклис посветен на св. Кирил и Методиј, над кој се издига камбанарија (осветена во 2005 година.)

„Реконструираната“ Светиклиментова црква на Плаошник

Што да се каже за денешниот изглед на манастирот кој трајно ја изгуби автентичноста на придружните градби. Градбите повеќе ги нема, исчезнаа заедно со нивната историја. Без историја, градбите не зборуваат, не го чуваат духот и сакралноста, светоста на местото каде почиваат моштите на св. Наум. Новите градби зборуваат за други намери, можеби добри, но штетни во однос на чувањето на преданието. Затоа што преданието се чува и се негува со пренесување од поколение на поколение во изворна форма. Ако св. Климент и св. Наум се нашите учители, тогаш треба да ги помниме по нивното слово и да го гледаме нивниот начин на живеење. Токму како што Бог му рече на апостол Павле: „Помнете ги своите учители, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте го крајот на нивниот начин на живеење, подражавајте ја нивната вера!“ (Евр. 13,7). Помнењето на нашите учители, чувањето на преданието за нив и наследството кое ни го оставија е пред сè обврска на имателот – на црквата. Но, не само нивна, туку на сите нас како обичен народ, кој треба да ги препознае како учители и достојно да го чува преданието. Манастирот кој е нападнат од преголемата туристичка експанзија, рестораните и хотелите кои ги загадуваат бистрите води на изворите не говорат за чување на преданието. Напротив!
И тоа е судбината на светилиштита кои ги изградија св. Климент и св. Наум. Св. Климент се повлече во осама на Плаошник и си направи храм со гроб за вечно почивалиште кое го загрозија огромни нови градби, како ламји надвиснати над светоста на неговите мошти.

Манастир „Св. Наум“ Охрид

Самата црква во манастирот „Св. Наум“ е под перманентна опасност. Во оваа прилика уште еднаш ја нагласувам потребата од донесување режим на заштита кој ќе го оневозможи самоволието, нестручноста и опасностите од пожар заради непрописно поставената електрична инсталација, со грејни тела и клима-уреди. Доводни кабли висат на јужната фасада протнати преку транзените, а во внатрешноста на повеќе места водени се кабли по живописот, воздушно и на иконостасот.

Грдата слика ја надополнува наплатниот киоск во тремот, новата камбанарија која излегува од рамките на нашата традиција, хотелот поставен во манастирскиот двор, новите конаци кои ниту од далеку не потсетуваат на старите кои беа срушени. Околината на манастирот е уште едно банализирање и девастирање на интегралното природно и културно наследство. Целата околина на манастирот наликува на секојдневен панаѓур, а едно од наголемите светилишта на Балканот е претворено во огромна „тезга“.


Новиот хотел изграден на темелите од стариот конак на јужната страна

Насловна фотографија: Манастир „Св. Наум“, изглед на црквата со новиот параклис и камбанарија / Фотографии: Здружение на граѓани „Центар за културно наследство, Скопје“

Сподели