Книгата започнува како необичо улисовско исцртување на нечие деноноќие. Оливер одлучува за бдеењето да испуши 50 цигари, да собере исто толку догорчиња и педантно да ги зачува во една кутија („Педесет цигари за Елена“ од Марина Вујчиќ, Антолог 2021)
Пишува: Александра Јуруковска
„Педесет цигари за Елена“, по многу нешта е необична книга. Започнува тажно, мачно и меланхолично. Наликува на дневник кој однатре го исцртува немирот на раскажувачот и неговите внатрешни доживувања од час во час. На почетокот читателот бидува повлечен од доминантно тешкото чувство на бесмисла на животот на главниот лик и наратор. Состојба на залудност на постоењето во кое се наоѓа Оливер Радман е спротивставена на сеќавањата за исполнетиот живот на неговата мртва сестра-близначка. Следното што може да го доживее читателот е воајерската позиција на некој што отстрана, а всушност многу одблизу, небаре под лупа, набљудува нечиј живот,.
Романот е 24-часовно бдеење на Оливер Радман за нивниот 50-ти роденден, неговиот и на починатата Елена. Роденденот е всушност и мртво-ден, кога неговата сестра и трагично загинала, па емотивниот багаж на датумот е двојно потежок, потраурен.
Книгата започнува како необичо улисовско исцртување на нечие деноноќие. Оливер одлучува за бдеењето да испуши 50 цигари, да собере исто толку догорчиња и педантно да ги зачува во една кутија. Притоа, јасно е дека догорчињата се замена за свеќите кои сака /треба да ги остави на гробот на мртвата сестра. Пушењето е замена за парастосот, за некаквиот помен за душата на неговата близначка. Овој синџир на симулација може да продолжи и со тоа дека целиот ден е замена за целиот негов (залуден) живот: „Особено ако земам предвид дека би било тешко да се најде позалуден човек од мене“.

Наспроти најавата и очекуваното дејство, дека сè ќе се врти околу догорчињата и симулацијата на поменот, романот добива неочекувани правци и тоа сосема случајно, по само неколку „колекции на средби со туѓи очи“ (139). Оливер (не)сакајќи во своето бдеење, за да остане буден, почнува да талка низ градот со намера тоа да го прави од полноќ до следниот ден на полноќ. Тогаш индиректно сретнува тројца луѓе. Несвесно тој ги менува или влијае на животите на луѓе за кои не знае ниту пак ќе дознае нешто: депресивна сопруга со суицидни мисли, тажна мајка чиј сопруг е криминалец и еден млад новинар со проблеми со интимноста и приврзувањето.
Одеднаш, „Педесет цигари за Елена“ добива неочекуван пресврт. Наместо еден, го следиме животот на уште тројца ликови, на уште три гласа и три погледи. Романот станува полифоничен, внатрешниот монолог е помножен со три и нарацијата добива мрежеста структура. Всушност, намерата на авторката Марина Вујчиќ е да го долови т.н. „ефект на пеперутка“, теоријата која вели дека замавнувањето на крилјата на пеперутката на една страна од светот, на друга страна може да предизвика цунами.
Мрежата на таквите синхроницитети во книгата е исплетена мошне суптилно, прецизно, со филмски потези и монтажа, па читателот лесно може дури и пред очи да си го претстави целото дејство или мноштво дејства. Всушност, филмот е и една од сферите блиски на авторката, која пишува сценарија, драмски тестови и (наградувани) романи, а во моментов е актуелен директор на Драмскиот театар во Сплит.
Најверојатно сето ова ја дава концизноста на граѓата и на нејзиниот роман „Педесет цигари за Елена“, заокружено и прецизно дело за обичниот човек и неговата (не)моќ да се избори со себеси, додека не согори или догори.
Наловна фотографија: Pixabay





