Моето долгогодишно искуство ме наведува да се сомневам во секаков вид стратегија или концепт која не содржи финансиска конструкција по месеци и години, вели Дуев
Ние сме држава со најголем број на донесени закони и измени на законите за високото образование и со најголем број донесени стратегии за образованието. Различните, а понекогаш и целосно спротивставените концепции, укажуваат дека талкаме по вистинскиот начин како да ги решиме наталожените проблеми, за жал, предизвикани од сите овие „закони, стратегии и концепти“ за кои се потрошени многу народни пари и странски донации, вели проф. Д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Во Скопје. Во интервјуто за Умно.мк разговараме за новата академска година, програмите што ги нуди Филозофскиот факултет за 840 нови студенти, условите за студирање, актуелните реформи во образованието.
Лани Филозофскиот факултет во Скопје одбележа 100 години од основањето, сите поминавме тешка пандемиска година, онлајн настава, имаше многу предизвици. Како се подготвува Филозофскиот факултет за академската 2021/22 година?
– Факултетот денес е современа високообразовна институција и покрај сите проблеми со кои се соочува – кадровски и финансиски проблеми, дотраена инфраструктура, услови за работа, но сепак ги следи сите светски трендови во високото образование и во услови на пандемија. Процесите што ги започнавме пред 4 години во голема мера ни помогнаа полесно да се справиме со предизвиците кои го донесе пандемијата. Воспоставена е целосна дигитализација на научната инфраструктура, има богата научна издавачка дејност. Само во последните четири години се организирани 20 меѓународни конференции, 76 настани, трибини и летни школи, голем број научни проекти што го сместува на мапата на светското образование. Со вмрежување на факултетот во европски и светски програми за размена на студенти, како и регионални соработки бројката стигна до 100 договори со европски и светски факултети. Преку програмите за мобилност, јавни предавања и меѓународна недела им овозможуваме на студентите да слушаат за најновите достигнувања во науката од врвни професори од САД, Израел и Европа и преку дигитални платформи.

Фото: Тоше Огњанов
Факултетот им овозможи на нашите студенти и колеги полесно да истражуваат и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети: завршивме со процесот на дигитализација на базата на списанија на страницата https://periodica.fzf.ukim.edu.mk; направена е дигитализација на сите досега одбранети магистерски и докторски трудови кои се поставени на е-репозиториумот на УКИМ, достапна им е најголемата електронската база на академски списанија JSTORE чија збирка содржи клучни списанија од хуманистичките и општествените науки и опфаќа 45 научни дисциплини (составена од 699 наслови, 3,7 милиони статии и 26,6 милиони страници), обезбедивме пристап до базата на Оксфорд, ЕБСКО, Edward Elgar Publishing Journals Collection, т.е. услови за научна работа според светските стандарди. Во последните години реализиравме 53 научно-истражувачки проекти, од кои 15 се меѓународни, 26 национални проекти и 4 меѓународни ЦЕЕПУС академски мрежи. Тече реализацијата на голем број меѓународни проекти. Започнавме и со адаптирање на слушалните за е-учење и далечинско учење. Денешната криза е голем предизвик за сите нас, но ние се приспособивме на новите услови и обезбедивме непречено одвивање на наставата, научните истражувања и работата на факултетот. Иако навидум само здравствена криза по која неминовно ќе следи и економска, овие промени ќе го погодат целото општество, животот на луѓето, менталното здравје, образованието, културата, безбедноста, ранливите групи. Како во минатото, така и во блиска иднина, за да се надмине кризата се потребни кадри од научни области кои се дел од Факултетот.

Проф. д-р Ратко Дуев
Колку слободни места има, за кои институти има најмногу интерес за студирање?
– За академската 2021/2022 на факултетот има 840 слободни места. Како и изминатите години факултетот нуди 19 програми за додипломски студии. Во последните години најголем интерес има за студиската програма по психологија. За 80 слободни места конкурираат тројно повеќе кандидати. Има интерес за студиските програми по безбедност, одбрана и мир, специјална едукација и рехабилитација, социјална работа и социјална политика, педагогија, историја итн.
Од една страна се студиските програми кои имаат актуелна и широка општествена примена, од друга страна класични студии, археологија, историја на уметноста, дисциплини за кои низ годините има сè помал интерес. Како да се промени оваа ситуација?
– Интересот за хуманистичките науки опаѓа и на глобално ниво. Во нашата земја најголемиот проблем е што со децении го запоставивме културниот и проектниот менаџмент. Институциите каде што можат да се вработат дипломираните студенти се финансирани само од државата, а тоа значи ограничени ресурси за нови истражувања и вработување на млад кадар. Во глобалниот свет, со подемот на културниот туризам во развиените земји голем дел од културните институции се самофинансираат, младите кадри се вработуваат на проекти. Во земјите со развиен туризам има голем интерес за овие профили, потребни како туристички водичи, кустоси, учен кадар кои нуди вистинска презентација и заштита на културното наследство.

Од друга страна кај нас секој може да биде туристички водич без претходно познавање. На пример, водичот кој не водеше во Израел имаше завршено Библиска археологија. Иако професионалци од областа, сепак бевме воодушевени од неговото знаење. Потребно е целосна преструктуирање на културните институции и нивна финансиска самоодржливост што ќе доведе до зголемена потреба од дипломирани археолози, историчари на уметноста и класични филолози. Тука е и проблемот со исфрлањето на латинскиот јазик од наставата или пак намалувањето на бројот на часовите, универзалниот јазик на медицинските науки во кои нашите дипломирани студенти стануваат професионалци без да го познаваат јазикот на нивните науки.
Во тек се реформи во основното образование. Може ли да се спроведат успешно, без јасна визија и дефинирани реформи и во средното и во високото образование кои логично следуваат во образовниот процес?
– Ние сме држава со најголем број на донесени закони и измени на законите за високото образование и со најголем број донесени стратегии за образованието. Различните, а понекогаш и целосно спротивставените концепции, укажуваат дека талкаме по вистинскиот начин како да ги решиме наталожените проблеми, за жал, предизвикани од сите овие „закони, стратегии и концепти“ за кои се потрошени многу народни пари и странски донации. Најголем проблем во сите овие закони е што од денот на своето донесување не одат прогресивно, што предизвикува проблем во функционирањето на образовните институции.

Фото: Тоше Огњанов
Образованието е сложен процес. За да добиеме некави резултати потребни се најмалку 10 години од почетокот на одреден процес. Високото образование е круната на образованието. Студентите се веќе оформени личности, така што пропустите во основното и средното образование не можат да се коригираат во текот на студирањето. За да се создаде универзитетски наставник за одредена областа потребни се најмалку 6 години по завршување на студиите. Процесот на акредитација и важност на една студиска програма трае 6 години (една година подготовка и 5 години важност на програмата). Затоа е невозможно кој било систем во светот да одговори на брзи промени. Учениците кои започнуваат по новиот концепт најрано по 8 години би станале потенцијални студенти. Моето долгогодишно искуство ме наведува да се сомневам во секаков вид стратегија или концепт која не содржи финансиска конструкција по месеци и години. Во минатото бев сведок на многу слични реформи кои траеја додека не се потрошат превидените финансии од меѓународните организации и ЕУ. Посакувам барем еднаш да не бидам во право за доброто на државата и нашата младина. Не можете да ја брзате науката, но кога науката ќе ве упати во вистинската насока, тогаш можете да почнете да брзате.





