Срцето на Емилија Динева, првиот донор во Македонија, овековечено во Стар Дојран

„Срце за вечноста“ е наречена спомен-скулптурата во чест на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во Македонија која денеска беше поставена во градскиот парк во Стар Дојран. Скулптурата е поставена како урбана инсталација во знак на чест, почит и благодарност кон хуманоста и човечноста на семејството Диневи за несебичниот и херојски чин. Автор на делото е младиот академски скулптор Андреј Миневски.

– Сакаме преку уметноста да го поттикнеме органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи. Можноста кога еден живот згаснува, друг да се распламти. Затоа тематиката на скулптурата, но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи – велат организаторите.

Скулптурата е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали – мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус. Проектот го реализира Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.

Сподели