Приказни за миграциите: „Раселени“ на Тања Балаќ во Музејот на Македонија, па во Стразбур

Балаќ ќе се претставува со 27 слики, кои се своевидно надополнување нанејзиниот претходен циклус започнат во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…

„Раселени“ е насловот на самостојната изложба на уметницата Тања Балаќ која во вторник (5 септември) во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Таа ќе се претстави со дела создадени од 2020 до 2022 година. Изложбата ќе ја отвори историчарот на уметност и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски.

Балаќ ќе се претставува со 27 слики, кои се своевидно надополнување нанејзиниот претходен циклус започнат во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб.

Балаќ веќе подолго време ја истражува оваа тема. Светските миграции предизивикани од војни како да стануваат фокус на ангажираната уметност на многу наши уметници на различни полиња. Балаќ вели дека на почетокот ѝ се чинело дека сето тоа ќе трае кратко.

Сцена од експерименталниот филм Stuck Together

– Очигледно е дека секојдневните сцени на колони уморни, исплашени, безнадежни лица со кои бевме постојано соочени, остави посилен впечаток врз моето творештво, од кој едноставно не можев да се оттргнам така лесно. Серијата слики и неколкуте експериментални филма само го потврдуваат тоа. Миграцијата е глобален проблем, но сигурно не е еднодимензионална приказна, туку збир од многу предизвици. Улогата на Македонија во овој контекст можеби е критична точка во големиот наратив. Преку мојот израз сакам да ја подигнам свеста за значењето и важноста на овој светски проблем. Со откривање на нивните приказни се надевам ќе отворам нови размислувања за значењето на поимот емпатија, разбирање, чувство за споделена човечност, но и потреба од разговор и потреба за изнаоѓање на глобални решенија. Преку мојата уметничка пракса на оваа тема, сакам да ја подигнам свеста на публиката за сите предизвци со кои се соочуваат овие луѓе, но и до ксенофобијата која е толку присутна. Верувам дека уметноста може да биде мост помеѓу културите и да поттикне разговори на оваа исклучително важна тема – вели Балаќ.

Во „Раселени“, за прв пат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе „патуваат“ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина, вели Пенушлиски.

Тања Балаќ

– Човечките фигурите во овие нови, сини, слики, се третирани различно од оние во претходните дела. Луѓето се апстрактно предадени, со сведени црти на лицата – назначени со неколку потези и скоро секогаш работени со бела боја што дополнително ги прави нереални. Меѓутоа, тие фигури сега изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети повеќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики. Слично на ова, и пределите во позадините на сликите се разликуваат од оние во минатите платна. Балаќ во постарите дела ни ги прикажуваше пејзажите од каде започнал егзодусот на луѓето на нејзините слики. Наспроти тоа, сега ретко можеме да забележиме некаква опиплива референца за некој пејзаж, град или пак предел. Но, апстрактните партии околу човечките фигурите на платното само го засилуваат впечатокот за неприфаќањето и ксенофобијата со која тие луѓе, бегалци, се соочуваат. Тоа се луѓе без дом и луѓе без иднина, изгубени во еден недефиниран меѓупростор каде ќе ги проголта заборавот на општеството – вели Пенушлиски.

И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикуваијавноста на заедничка потрага по можното решение.

По завршувањето, изложбата ќе патува во Стразбур и ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.

Сподели