Програмата на третиот и последен ден на Книжевниот фестивал „Друга приказна“ ќе започне денеска во 18.30 часот во културниот центар „Бруталиск“ во Скопје. Најпрво ќе бидат промовирани три детски книги што ја третираат темата за попреченоста. Станува збор за „За копчето и среќата“ од Јасмина Петровиќ, во издание на „Чудна шума“, „Гуш и Бац“ на Зоран Кардула и „Цветната дружина“ од Ирена Поповска. Модератор ќе биде Никола Гелевски.

Веднаш потоа, од 19 часот следува проекција на филмови што исто така се фокусирани на темата попреченост. Тоа се: „Беласица“ на Марија Апчевска, „Роза“ на Маја Младеновска, „Тежок андерграунд“ (продукција: Марко Жвака, Душан Чавиќ, Душан Шапоња). Разговорите после секој филм ќе ги води Васко Маглешов.
Во 21 часот ќе биде отворена мала изложба на Тома Димовски, насловена „Гоблени-гребаници“.
Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од Министерството за култура.







