Леќа и грашок пронајдени во Пелагонија – најстари датирани мешункасти плодови во Европа

Археоботаничките и радиокарбон анализи во Универзитетите во Базел, Белград, Севиља и Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8.300 години

Зрна од леќа и грашок пронајдени на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија се досега најстарите датирани во Европа. Археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет археолозите пронашле остатоци од повеќе мешункасти плодови и житарици. Нивното датирање со помош на радиокарбон анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на 7 милениум пред новата ера што ги прави најстари досега датирани леќа и грашок во Европа, велат од Центарот за истражување на предисторијата.

Истражувањата на Влахо кај Живојно беа спроведени во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците и музеј од Битола.

Aрхеолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија

– Со примена на археоботаничките и радиокарбон анализи во Универзитетите во Базел, Белград, Севиља и Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8.300 години. Житариците и афионот откриени на Влахо се исто така едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи. Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија, така што резултатите посочуваат на различни стопански практики меѓу овие населби. Нивните жители ја адаптирале исхраната на климатските разлики во регионот. Тие во голема мера се хранеле со грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и дека оравеле пиво. Посевот најчесто се жнеел во пролет, додека еднозрната пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија – велат истражувачите.

Резултатите од археоботаничките истражувања се публикувани во Vegetational History and Archaeobotany, едно од десетте археолошки списанија со највисок импакт фактор во светот. Тоа воедно ги потврдува и научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и житариците. Освен истакнатиот научен карактер на публикуваните податоци, овој труд исто така го презентира и предисториското културно наследство во Македонија во светски рамки и ја акцентира неговата битна улога во појавата на земјоделството во Европа.

Археоботаничките анализи ги правеле Амалиа Сабанов, Феран Антолин и Раул Сотерас, радиокарбон анализите – Ирка Хајдас, а изведени се во рамки на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија под раководство на Гоце Наумов.

Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонскиот неолит во поширок европски контекст. Освен археолошките ископувања, на овие локалитети применети се и геофизичкото скенирање, геоархеолошки, археозоолошки, археоботанички, антрополошки и радиокарбон анализи, како и проучувањето на липидите, изотопите и функциите на алатките. Локалитетите се документирани со фотограметриски модели и ласерско скенирање, а исто така направени се и дигитални 3Д реконструкции на градбите и неолитските села, што овозможува нивно доследно презентирање и пред пошироката јавност.

– Ваквиот пристап обезбедува доследно толкување на времето и карактерот на овие неолитски тумби и нивно истражување преку најсовремените археолошки методи. Досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и презентирани на разни предавања и конференции во Европа и САД, што воедно ја прават Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа – велат од Центарот за истражување на предисторијата.

Сподели