Научните здруженија кои ги организираат талентираните ученици за меѓународни натпревари ќе можат за аплицираат за парична поддршка од државата на конкурсот кој деновиве ќе го објави Министерството за образование и наука. Измените на Законот за средно образование предвидуваат научните друштва да аплицираат на конкурс кој ќе биде објавен во првите три месеци од тековната година. Умно.мк го праша МОН дали тоа значи дека и годинава државната поддршка ќе изостане, зашто измените беа изгласано на 8 април.
– Сè е подготвено. Деновиве ќе биде објавен конкурсот на кој ќе може да аплицираат за државна поддршка. Тоа се однесува и за натпреварите кои се во тек. Со поднесени извештаи за трошоците ќе добијат поддршка – велат од МОН за Умно.мк
По повеќе од десетгодишна голгота, талентираните средношколци добија системска поддршка од државата. Семејствата на учениците и менторите секоја година мака мачеа со обезбедување спонзорства, често и само ги плаќаа скапите билети за олимпијадите на кои учениците ја претставуваа Македонија под националното знаме. Тимот на Умно.мк долги години ги следеше проблемите на талентираните средношколци и на научните здруженија (Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, Друштво на физичарите на Македонија, Сојузот на математичарите на Македонија, Македонско биолошко друптво, Здружение на информатичарите на Македонија, Македонско географско друштво). Проблемот беше што Законот за средно образование не предвидуваше финансиска поддршка за вакви намени. Ситуацијата беше особено драматична лани, кога се укина Агенцијата за млади и спорт која намируваше дел од овие трошоци.
Со измените на законот се надминуваат и недоследностите според кои универзитетските професори што ги подготвуваат средношколците за натпревар не можеа да добијат награда што им следува затоа што правилникот налагаше тие да бидат вработени во средно училиште.
Умно.мк со години ја следеше голготата со која македонските тимови редовно се соочуваа.
Првите успеси по донесувањето на измените на Законот стигаат од младите математичари се натпреваруваат на Балканската математичка олимпијада во Сараево, која завршуваат утре. Тие за Македонија освоија по еден златен и сребрен и три бронзени медали.
Насловна фотографија: Архива / Извор: СХТМ





