Промоција на „Праисториската читанка и вежбанка за млади истражувачи“

Во интерактивното катче помеѓу Домот на АРМ и „Меморијалниот музеј на Мајка Тереза“ денеска во 11.45 часот ќе се одржи промоција на „Праисториската читанка и вежбанка за млади истражувачи“ на авторите м-р Василка Димитровска и Бисера Наумовска. Изданието е на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“, а промоцијата е во рамките на „Ден на граѓанските организации 2022“, организиран од Civica Mobilitas.

– „Праисториска читанка и вежбанка за млади истражувачи“ е посветена на праисторијата – еден од најмистериозните периоди од развитокот на човекот. Во неа сите заинтересирани ќе најдат посебно објаснувања за секој од праисториските периоди, кои се неговите најважни карактеристики и најпрепознатливи предмети кои може да се видат во музеите – велат од „Хаемус“.

Читанката содржи многу интерактивни археолошки вежби кои ќе ја разгорат фантазијата и креативноста на младите истражувачи и ќе им создадат можности за нови искуства. Во рамките на оваа промоција ќе се одвива и интерактивна креативна работилница „Тајните кодови на каменото доба“.

„Млад истражувач“ е образовна програма на „Хаемус“ со педагошки карактер, наменета пред сѐ за деца и млади. Програмата и едицијата опфаќа широк спектар на боенки, читанки, вежбанки, како и интерактивни сетови и едукативни настани за богатото македонско културно наследство.

Сподели