Премиера на детската претстава „Пепелашка“ во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска во 12 часот премиерно ќе ја биде изведена претставата за деца и млади „Пепелашка“ во продукција на Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“. Преводот на текстот е на Благојче Николоски, драматизацијата и адаптацијата на македонски ги направи Кире Миладиноски, режија, костимографија, сценографија, кореографија на Кире Миладиноски, а музикаѕа Алан Менкен и Томе Темелкоски. Гласовите ги позајмија: Лилјана Јованоска, Мирјанка Селчанец, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски и Благојче Николоски. Играат: Бисера Гаралоска, Матеја Грујоска, Кристина Миноска, Анастасија Митревска, Теодора Велкоска, Михаил Јорданоски, Марта Шаркоска и Елена Џајковска.

– Поради малиот број на изведби и продукции за најмладата популација во нашиот град, следејќи ги светските трендови по теркот на Бродвеј и Дизни, сметаме дека со овој проект младите ќе имаат можност да сведочат за спектакл од светски рамки на наш јазик, со кој воедно ќе се имплементираат нови песни на македонски јазик како и нивно афирмирање и претпознатливост. Новиот начин на живот кој вклучува визуелизација, технологија и мобилизација е составен дел од нашите продукции во време кога на младата публика во Прилеп ѝ се нудат аматерски претстави кои промовираат стари, веќе неприфатливи приказни и истите не ги следат новите тенденции, методологии и иновации во изразувањето – велат од „Зодијак“.

Сподели