Промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ во КСП „Центар-Јадро“

Четири книги од Дубравка Угрешиќ, а во превод на Владимир Јанковски и Алек Кузмановски ќе бидат промоворини вечерва, во 19.30 часот во КСП „Центар-Јадро“. На промоцијата ќе говорат Владимир Јанковски, писател, преведувач и теоретичар на книжевноста и Петар Милат филозоф, директор на Мултимедијалниот институт од Загреб и издавач, а и близок пријател на Дубравка Угрешиќ. Ќе бидат промовирани: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Црвеното училиште“ „Тука нема ништо!“, во превод на Владимир Јанковски и „Нарилник за вештерки“ во превод на Алек Кузмановски.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) има завршено компаративна и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Во институтот за теорија на книжевност при истиот факултет работела речиси дваесет години. Од политички причини, на почетокот на деведесеттите години е присилена да ја напушти Хрватска, една година по објавувањето на тогаш анонимниот памфлет „Вештерките од Рио“, во кој се нападнати пет хрватски писателки. Неколку години поминува во Германија и САД, од 2001 живее во Амстердам.Повремено предаваше на американските и европските универзитети, и пишуваше и за европски весници и списанија.Беше остра критичарка на агресивниот национализам и културата на книжевниот пазар. Нејзините дела се карактеризираат со комбинација на иронија, полемичност и емпатија. Дубравка Угрешиќ е наградена со неколку меѓународни награди за своето есеистичко дело, почнувајќи од збирката есеи „Американски фикционер“ и „Култура на лагата“. Други значајни есеистички книги се „Забрането читање“ , „Нема никој дома“, „Напад на минибарот“ и „Европа во сепија“. Нејзини најзначајни романи се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“ и „Баба Јага снесе јајце“.

Промоцијата ја организираат „Контрапункт“ и Фестивалот за критичка култура КРИК, по повод Денот на победата над фашизмот, 9 Мај.

Сподели