Претседателството на ДПМ остана без членови

Осум члена на претседателството на Друштвото на писателите на Македонија си дадоа оставка на последната седница на 4 октомври. Станува збор за: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Бранко Цветкоски, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска. Само Васил Тоциновски остана член во претседателството.

Ова е ретка ситуација во историјата на постоењето на Друштвото на писателите и се случува во мандат на писателот Христо Петрески како претседател, избран на редовните избори во мај 2022 година.

Цветкоски јавно прозборе за причините на оваа постапка.

– Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството – наведе Цветкоски во писмениот допис до медиумите.

Освен Цветкоски, кој излезе со свое образложение за одлуката, останатите не објаснуваат која е причината за постапката. Тие му заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа.

Сподели