Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ на фестивал во Берлин

Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади, е избран во официјалната селекција на најважниот и најреномираниот светски фестивал за поетски филмови „Зебра“ од Берлин, Германија. Филмот е селектиран во конкуренција од 1.200 филмови од целиот свет, а ќе биде прикажан на 14 октомври во рамки на програмата „Призма: Урбанисти – град и општество“. Фестивалот ќе се одржи од 12 до 15 октомври во „Хаус фур поези“ и во „Кино ин дер културбрауерај“ во Берлин.

„Летна соната за мојот град“ минатиот месец беше прикажан и на интернационалниот филмски фестивал „Сербест“ во Молдавија. Претходно на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“ во САД се закити со награда за најдобра режија и беше номиниран во најтесниот избор од седум наративни филмови. Исто така, беше издвоен и помеѓу десетте филмови со оригинална музика за филм. Филмот беше избран и во специјалната селекција „Светско огледало на поезијата“ на интернационалниот турингиски филмски фестивал „Поетри филм таге“ во Вајмар, Германија што се одржа во мај.

Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е снимен според истоимената песна на македонскиот поет Андреј Ал-Асади. Музиката е на Јован Јовановски, а снимател е Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцент на филмот е Јулијана Величковска, а режисерката Сандра Ѓоргиева беше стручен консултант. Поетскиот филм е дел од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект на „ПНВ Публикации“, поддржан од Град Скопје.

Сподели