Премиера на „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани во Турскиот театар

Претставата „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани, во продукција на Турскиот театар од Скопје ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на матичната сцена. Претставата е спој на две литературни идеи, како што се делата „Слепци“ од Морис Метерлинк и „Погубни идентитети“ од Амин Малуф.

– Единаесет слепи ликови, фрлени во просторот, се трудат да го најдат патот, да се вратат назад. Но, одвреме-навреме тие се оттргнуваат од физичката слепост и велгуваат во лавиринтите на потрагата по самите себеси. Притоа, одново доживуваат моменти од нивниот живот. Овие ликови ќе ве натераат да живеете заедно со нив, да си поставите прашања, но и да најдете одговори за убавината на физичките и идентитетските различности на сите живи суштества кои живеат во овој заеднички свет. Свет, каде различноста е токму најубавата страна на привремениот живот што го живее и секој човек – вели Ријани.

Улогите ги толкуваат: Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир , Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радинчиќ и Един Јакуповиќ.
Музиката е на Емрах Џемаили, а костимите на Медина Хоџа и Маја Ѓуреска.

Сподели