Премиера на „Замисли нов свет“: Делата на Горан Стефановски нѐ учат да се прифатиме кои сме и вистински да се поврземе

Претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски, ќе биде премиерно изведена на 16 и 17 декември во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. Претставата е во режија на Нела Витошевиќ, според драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. копродуцент е „Сектор филм“, а претставата се реализира со финансиска поддршка на „Македонски Телеком“.

Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.

-Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски Телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект, и се надевам дека во иднина повеќе компании ќе го следат овој пример – изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.

Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги. Играат: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Во креативниот дел се потпишуваат и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.

Претставата „Замисли нов свет“ е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi – Скопје, дел од Публицис Групацијата, а инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година.

-Делата на Горан Стефановски се врежани во нашата меморија, подеднакво се силни и денес и нѐ обединуваат: да се прифатиме кои сме, да ги надминеме предрасудите и вистински да се поврземе. Годината ја почнавме со оваа тема, и ја завршуваме со истата порака, преку театарот како медиум кој се обраќа на целата јавност и преку делата на Стефановски. Претставата ’Замисли нов свет‘ е нашата инвестиција во културата и македонските уметници кои оставиле белег и чии дела треба да се пренесуваат“, изјави Емилија Андоновска, Главен комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком.

Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овој пат во продукција на „Сектор филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

Сподели