Авторот вели дека со ова свое искуство сака да го сврти вниманието кон македонските автори, особено на оние што не се афирмирани
Кога за книгите нема место во книжарница, за нив ќе се најде место во продавница за алкохол. Искуство за промоцијата на својата дебитантска книга „Дневникот на еден морепловец“ го раскажува авторот Златко Симовски од Битола. Одбиен од локалната книжарница во родниот град со образложение дека веќе не продаваат дела од македонски автори, се обратил до соседната продавница за алкохол каде ширум му ги отвориле вратите. Симовски вели дека со ова свое искуство сака да го сврти вниманието кон македонските автори, особено на оние што не се афирмирани.

Златко Симовски на промоцијата
„Дневникот на еден морепловец“ е негова прва книга. Одлуката целото искуство да го овековечи на хартија ја донел кога го добил првиот работен договор за работа на брод, стравувајќи дека спомените еден ден ќе избледат.
– Дневникот ги содржи сите чувства и секој еден битен и помалку битен (но интересен) настан доживеан во тие први осум месеци на брод – раскажува Симовски.

Златко Симовски
Решил да организира промоција на книгата, но го одбиле од локална книжарница во Битола.
– Образложението беше дека престанале да продаваат македонски автори. Се обратив до сопствениците на соседната продавница за алкохол за да ја направам промоцијата кај нив и наидов на поголемо разбирање. Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот. Идејата зад оваа необична промоција беше подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори. Сега можам да кажам дека работите се поместуваат во позитивна насока. Најзаслужни за тоа се неколкуте медиуми кои ја препознавте суштината и важноста на оваа иницијатива – вели Симовски.

Книгата е личното доживување на авторот за месеците додека работел на брод. Тој вели дека бродот е совршено место за секој млад човек. Работата на брод за крстарење овозможува посета на некои од најубавите места во светот, релативно добра заработка, стекнување на челична дисциплина, дружба со луѓе од целиот свет …
– Единствена „негативна“ страна e тоа што на брод не постојат недели и празници, туку се работи секој ден. Но, човек може да издржи и да се приспособи на сè, и бродот е правото место за такво себеспознавање – вели Симовски.

Синдеј / Фото: Златко Симовски
Деновите на базенот на којшто работел биле исполнети со многу работа, но и комуникација со патниците која е подеднакво важна. Денот му почнувал во 7 часот наутро, бил задолжен и за дел делот од отворената палуба, со работа завршувал во 9 часот навечер.
– Во меѓувреме, имав две паузи – едночасовна за ручек и уште една тричасовна која ја користев за одмор или за излегување на пристаништата кога бродот беше некаде укотвен. Вечерта беше резервирана за дополнителна работа, излегувања во барот за екипажот и дружење со девојката – раскажува Симовски.

Бора Бора / Фото: Златко Симовски
На бродот се качил во Форт Лодердејл, САД, од каде поаѓале на седумдневни крстарења по карипските острови. По пет и пол месеци на Карибите, допатувале во Европа, каде ги поминал последните два месеца од договорот.
– Како некој кој не е пораснат покрај море, уживав во карипските плажи кои се едни од најубавите во светот, но исто така и во секој еден посетен град во Европа која плени со својата убавина и историја – раскажува Симовски.

Алесунд, Норвешка / Фото: Златко Симовски
За неговата горчлива прва промоција, тој им порачува на издавачите и продавачите на книги да не бидат фокусирани само на „светкави работи“ и да им дадат поголема поддршка на домашните автори.
– Читателите кај нас се лишени од одлични приказни кои не го здогледале светлото на денот поради наметната стигма од типот „Наше е, значи не чини“. Авторите-почетници треба да бидат свесни дека издавањето на книга е само почеток. Нивната книга е можеби најдобрата на светот, но таа треба да стигне до читателот. Често, делата на странските автори не се ништо подобри, и единственото нешто што прави разлика е нивниот сериозен пристап околу сите можни маркетинг-алатки кои во денешно време му се достапни на секој автор – завршува Симовски.






