Премиера на претставата „Аматери“ во режија на Синиша Евтимов во Театар Комедија

Претставата „Аматери“ во режија и авторство на Синиша Евтимов е најновата премиера на Театар Комедија што ќе биде изведена утревечер во 20 часот на матичната сцена. Првата реприза е на 16 октомври. „Аматери“ е сатирична и експлозивна театарска претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет. Од Солунските атентати, преку партизани во „Фортнајт“ универзумот, до пародични реклами за Кавадарци, козметика и хотели – сè е дозволено и ништо не е свето.

Преку динамични сцени и ликови што постојано се движат меѓу мит и реалност, „Аматери“ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и сè останато. Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери – за сите нас што од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери.

„Аматери“ е спектакл кој ја брише границата меѓу смеење и плачење, меѓу историјата и фикцијата, меѓу трагедијата и фарсата. Улогите ги толкуваат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, ​Тони Денковски, Виктор Арсов, ​Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Жарко Димоски, ​Жаклина Петровска, ​Маја Љутков и ​Елена Кузманов.

Оваа претстава ја одбележува педесеттата премиера по од основањето на Театар Комедија и претставува значаен јубилеј во неговата историја.

Продуцент е Татјана Дешко. Сценографија, костимографијата и дизајнот на видеото се на Илина Ангеловска, а асистент на режиja е Борjан Стоjков.

 

Сподели