По својата успешна светска премиера, новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, ќе го започне својот киноживот во земјава од 16 октомври (четврток). Публиката ќе има можност да го погледне долгоочекуваното остварување кое носи длабока, инспиративна приказна заснована врз животот на Мајка Тереза. Филмот претставува интимен портрет на една од највлијателните хуманитарки на 20. век, фокусирајќи се на нејзината внатрешна борба, верба и мисија. Главната улога ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас, во друштво на Никола Ристановски и Силвија Фокс. Сценариото е заеднички труд на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.
Ова кинематографско остварување е поддржано од бројни европски и светски филмски институции, а продуцент е Лабина Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија Јане Ќортошев.
„Мајка“ ја имаше својата премиера на престижниот Венециски филмски фестивал, каде што го отвори програмскиот сегмент „Хоризонти“, посветен на иновативни филмски дела. Овој успех претставува уште едно големо признание за македонската кинематографија, но и за уникатниот авторски пристап на Теона Стругар Митевска.
Покрај прикажувањето дома, филмот ќе биде дел од програмите на бројни интернационални филмски фестивали. „Мајка“ ќе ја има својата кинодистибуција во Белгија почнувајќи од 5 ноември, а во Франција – на 3 декември.





