Прекрасно е кога изведувате дело, а композиторот е во публика, вели пијанистката Јасмина Трајческа

Да се даде простор односно да се подели сцената со својот професор за 20 години концертна активност е подарување голема одговорност, љубов за музиката и желба за подобра изведба, работа и континуитет во нивниот музички пат и едукација, осознавање на музичкиот универзум на сцената, восприемање на емоцијата од страна на публиката и изведувачот и инспирација за нови пијанистички хоризонти – вели Трајческа

Пијанистката Јасмина Трајческа, професорка по пијано во ДМУЦ „Илија Николовски – Луј“ го заокружи својот 20-годишен јубилеј со серија концерти во повеќе градови. Последниот се случи во Битола минатиот викенд, а гостинка беше и Билјана Божиновска-Бојовиќ, композиторка и челистка, која потекнува од Македонија, но живее и твори во Калифорнија.

Со нив поразговаравме за нивната соработка, за убавината да се изведува дело од домашен автор, кој уште повеќе е и присутен во публика.

Јасмина Трајческа

– Чувството кога се изведува дело на еден композитор е прекрасно, испреплетено со голема возбуда, емоции на среќа, радост и голема одговорност кон композиторот и неговата работа. Морам да напоменам на концертот во Битола јас бев толку среќна што ја гледам во публика мојата блиска другарка и колешка Билјана Бојовиќ, во секоја нота и фраза ги чувствував нејзината желба и емоции за нашата балканска музика, срцето ми чукаше во метарот и ритамот на делата, дишеме и мислиме во ритамот на нашето поднебје богато со голема историја и елементи од фолклорната музика – вели Трајческа.

Нивната соработка започнала во средношколските денови, за по одредена разделба, патиштата повторно да им се спојат. Првиот концерт од заедничката соработка го извела во Брно на ЈАМУ во рамките на едно нејзино истражување за пијанзмот во Чешка, потоа во Љубљана на Факултетот за музичка уметност, за следната година во ова време невереме на пандемија го постигнавме најголемиот успех во Љубљана на покана на фестивалот „Имаго“ во Словенија со проектот „Балканска синтеза“ поддржан од Министерството за култура, Словенечката aмбасада во Скопје и Град Прилеп, како и двата концерти „Балканска рапсодија“ – еден во Народен театар Гевгелија и последниот во Битола.

Композиторката Бојовиќ и посветила една композиција на Трајческа. Станува збор за „Крстен вход“, композиција што зборува за херојство, надеж, победа

– Секогаш кога го изведувам ова дело посебно сум среќна и горда, јас имам одговорност да бидам автентична во мојот стил на изведба и голема одговорност што композиторката ја покажа нејзината почит и доверба кон мојата комплетна личност – вели Трајческа.

На нејзините концерти во Македонија настапија и две ученички од класата – Теона Димитрова, основен оддел и Сања Миленковиќ, ученичка од средниот оддел.

– Да се даде простор односно да се подели сцената со својот професор за 20 години концертна активност е подарување голема одговорност, љубов за музиката и желба за подобра изведба, работа и континуитет во нивниот музички пат и едукација, осознавање на музичкиот универзум на сцената, восприемање на емоцијата од страна на публиката и изведувачот и инспирација за нови пијанистички хоризонти. Уживам во нашата заедничка работа и концертот е плод и награда, секоја отсвирена нота е чувство на среќа и подарок за мене како педагог, а од друга страна емоција што нè обзема сите и нè води до музичкиот универзум.

Билјана Божиновска Бојовиќ често ги вклучува балканските ритмови во својата музика, што претставува своевисна егзотика за американската публика.

Јасмина Трајческа

– Од моето искуство, американската публика е секогаш интригирана со влијанието од балканските мотиви во мојата музика. Често ми пријдуваат луѓе од публиката кои се љубопитни да дознаат повеќе за нашата музика или со луѓе кои препознале мотиви кои ги слушнале во фолклорната музика ако патувале низ нашите простори. Публиката често не ја разбира, но длабоко ја чувствува музиката. Ова е само доказ дека сѐ што е вистински автентично е универзално, па е така и со музиката инспирирана од нашето народно предание, која е универзален јазик што надминува секакви географски граници – вели Божиновска-Бојовиќ.

– За композиторот е посебна привилегија да се слушаат створените дела во живо. Како и со секоја композиција, човек мора да е спремен да чуе различни интерпретации на своите дела, но во тоа е и убавината на музиката, која и колку да е иста, сепак е неповторлива, вели таа.

– Вистина е возбудливо да се слушаат делата во живо и да се следат импресиите на изведувачите и на публиката. Композиторот кога твори и самиот е понекогаш изненаден со она што го пронајдува во себе и тоа го чувствува како подарок. Благодарејќи им на изведувачите, тој подарок може да се подели со слушателите. Колку што е интересен процесот на компонирање, толку интересен е и дијалогот меѓу делото и слушателот. Плодот на тој дијалог во срцето на слушателот, размислувањата на кои го поттикнуваат, начинот на кој го оплеменува, е уште едно ново и најдрагоцено и бесценето дело. Како и со сѐ што е највредно, овој сегмент на творештвото често останува тајна за композиторот, ама таква тајна за која вреди да се живее и твори – вели Божиновска-Бојовиќ.

Сподели